Премиерот денеска јавно побара, освен работата на судијата Елведин Ферати, уште еднаш да се анализира оваа пресуда, а предметот, како што кажа, ќе го следи лично и нема да дозволи, како што кажа, ова да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност
Ова не е правда. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја искоментира одлуката на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој вчера го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката пред речиси три години во која смртно ја прегази 22-годишната тетовка Теодора Ристовска.

Осврнувајќи се на случајот, премиерот јавно побара од Судскиот совет да го разгледа работењето на овој судија и повторно да се анализира неговата пресуда бидејќи, како што кажа, тука имаме потфрлање на системот по сите основи.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука е задоволена правдата. Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, сум силно разочаран. Ова не е правда. И тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба, меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме“,
рече Мицкоски.
Премиерот конкретниот случај го издвои во своето обраќање на конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, што се одржа во Владата.
Пред да се осврне на пресудата, а говорејќи за корупцијата, која, како што рече, ја убива надежта, ги обесхрабрува младите и чесните и го подрива општеството, премиерот подвлече дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава.
Во тој контекст, Мицкоски рече дека не смееме да дејствуваме отсустно и да не зборуваме за случаите кои кои силно удираат по правдата.
„Вчера јавноста најново се згрози за случајот во Тетово. По сообраќајна несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година по признавање на вина сторителот кој одзема млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намали казната, повторувам Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, за да Врховниот суд ги укине двете пресуди на Апелацискиот и на Основниот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово му досуди вчера две години на сторителот кој смртно одзеде недолжен човечки живот, на 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, Судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска“,
рече премиерот давајќи хронолошки осврт на постапувањето на судовите во предметот.
Тој кажа дека ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност и најави оти лично ќе го следи. Рече дека секој што ја злоупотребил својата моќ и го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните ќе се соочи со правдата.
„Јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите“,
кажа Мицкоски.
Судијата Елведин Феради му ја досуди двегодишната затворска казна откако Менсур Пајазити, на вчерашното рочиште од повтореното судење во Основниот суд Тетово ја призна вината, а по изведувањето на доказите и завршните зборови, беше прогласен за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Незадоволство од пресудата изразија семејството на усмртената девојка и нивната адвокатка Наташа Ѓорчевска, која во изјава за медиумите рече дека олеснителните околности биле повеќе на страната на обвинетиот. Кажа и дека тој не изразил вистинско каење за случајот и наместо тоа, во завршните зборови правел анализи на секој збор и ги напаѓал медиумите.
Сестрата на Теодора, Ева Ристовска, и таткото Круме, поради револт, го напуштија судењето и во изјави за медиумите истакнаа дека не се задоволни од одлуката на судот, прашувајќи: „Колку вреди животот во Македонија?
„Колку вреди животот на сестра ми. Со две години ние треба да бидеме задоволни? Јас треба да отидам и да речам на сестра ми, да ѝ запалам свеќа ѝ да и речам, со две години биди задоволна, ова е законот во Македонија. Не, не може со две години, максималната казна нема да ми ја врати Теодора мене. Ќе ми ја олесни маката, ќе каже на секој следен што може да го доживее не дај Боже истово, ќе каже дека има правда, ако стигне до максимална казна. Сите веруваат во правда, и јас верувам дека ќе се смени ова и дека максималната казна ќе биде пет години“,
рече Ева Ристовска.
Судијата Елведин Ферати, кој ја изрече пресудата и ја досуди казната, за судија во тетовскиот Основниот суд е избран во февруари 2020 година, како кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители.
Тој се најде во фокусот на медиумите, откако при проверка на академските досиеја на слушателите на Академијата за судии и јавни обвинители, поранешниот состав на Антикорупциска и Државниот просветен инспекторат (ДПИ) најдоа дека во досието на Ферати на Државниот универзитет во Тетово нашле три пречкртани оценки во главната книга за да може да го исполни просекот од 8,20 за да се запише на Академијата.
Врз основа на овие сознанија беше отворен и предмет во Основното јавно обвинителство Скопје, но оттаму, како што објави денеска „Слободен печат“ ја затвориле постапката, бидејќи ги нашле документите кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани во неговото досие.
„По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот Универзитет во Тетово и од Академијата за судии и обвинители ‘Павел Шатев’. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за 4 предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00. Потоа се пријавил на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот Универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година“,
рекле од Основното јавно обвинителство Скопје за „Слободен печат“.
Оттаму додале дека поради доставените документи, јавниот обвинител кој постапувал по предметот за Ферати на 10 март 2025 година донел резолуција со која констатирал дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност.