Лидерот на опозицијата потоа ја поздрави одлуката на вселенскиот патријарх и истакна дека наскоро очекува МПЦ да добие автокефалност
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната посета во скопската Општина Аеродром одговарајќи на новинарско прашање за односите помеѓу МПЦ и СПЦ, кои по половина одржуваат заедничка литургија, рече дека лично архиепископот Стефан ја има неговата недвосмислена поддршка за секој чекор што го презема, исто како и останатите владици во Синодот.
„Ја користам оваа прилика да упатам порака до сите православни верници да се обединиме околу МПЦ-ОА. Јас сум свесен, како многупати во минатото и вековите наназад, дека ќе имаме луѓе кои ќе сакаат да направат поделба, кои ќе шират скептицизам, недоверба, свесен сум дека тие луѓе се под жестоко влијание на оние сили на кои не им одговара македонско единство, кои не им одговара обединување околу Синодот на МПЦ. Ние мораме како народ да се обединиме овој пат, ние мораме да бидеме паметни, не смееме да дозволиме надворешни фактори да нѐ разделуваат“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицијата потоа ја поздрави одлуката на вселенскиот патријарх и истакна дека наскоро очекува МПЦ да добие автокефалност.
„Сигурно и архиепископот Стефан и владиците во Синодот знаат што е најдобро за македонскиот народ и православните верници и затоа повикувам на единство. Ја користам оваа прилика и да ја поздравам и одлуката на вселенскиот патријарх, кога практично се тргна и шизмата, кога МПЦ-ОА влезе во канонско единство со што јасно се покажува нашата разлика од останатите балкански православни народи и јасно се става до знаење дека тоа е она кое е вистинската патека и очекувам набргу, во периодот што следува, и формално да се добие томосот и конечно да се добие автокефалност“,
рече Мицкоски.