„Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни. Нема европско општество ако обвинителот избира за кого ќе отвори предмет, а за кого ќе премолчи, ако судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Устав и закон, ако граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда“, порача премиерот на денешната тркалезна маса во Владата посветена на предизвиците и придобивките од Планот за раст на Западен Балкан
Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст, мора да го урнеме коруптивниот систем – порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната тркалезна маса во Владата посветена на предизвиците и придобивките од Планот за раст на Западен Балкан. Порача дека држава во која граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден „да плати за да добие“ е држава која не може да напредува.

„Уште позагрижувачки е што институциите кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – честопати се неми, неефикасни или, пак, под политичко влијание. Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни. Нема европско општество ако обвинителот избира за кого ќе отвори предмет, а за кого ќе премолчи, ако судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Устав и закон, ако граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда“,
рече Мицкоски во обраќањето на тркалезната маса.
Во оваа смисла премиерот рече дека Планот за раст и Реформската агенда не се само услов за интеграција, туку инструмент за оздравување на нашето општество. Посочи дека интеграциите и растот се компас, а реформите мора да бидат одлуки, политики и национално зреење.
„Секој народ има моменти кога мора да избере – ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени. Државата е токму во таков момент – на крстосницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина. Да цитирам еден од најпознатите мислители Жан-Клод Јункер, поранешниот претседател на Европската комисија: ‘Европа не може да биде заедница на интереси ако не е пред сè заедница на вредности.’ А правдата, почитувани колеги, е највисока европска вредност“,
порача премиерот.
Одговорноста на политичарите во оваа смисла, како што рече, е целосно да го деполитизираат судството, да ги заштитат обвинителите и судиите од политички и бизнис-притисоци, да создадат механизми за надворешен надзор и отчетност, да понудат вистинска, а не формална поддршка на институциите во борба против корупцијата и паралелно со правдата да работат на на економската стабилност. Оттука, порача дека Реформската агенда и Планот за раст мора да одат рака под рака со поддршката на домашните претприемачи, привлекување странски инвестиции и фер пазар без монополи, фаворизирани играчи и административни бариери за реалниот човек.
„Историјата нема да не суди по тоа што сме го кажале, туку по тоа што сме го направиле. Не ни треба нас дополнителни стратегии, ветувања. Ни треба искреност, доследност и спроведување. Ни треба нов однос кон правдата, кон правото, кон државата“,
истакна Мицкоски.
На Тркалезната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан што се одржа во Владата учествуваа и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, поранешниот главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со ЕУ, Владимир Дробњак и професорот и истражувач, експерт на УНОПС, Александар Стојков.