Коментирајќи го предлог-законот поднесен од Левица, со кој се бара заштита на името ВМРО, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека радикални, маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и борбата
Директна нарачка од круговите што со децении работат против македонскиот идентитет – вака координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, го оцени предлог-законот со кој Левица бара заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.

Коментирајќи го предлог-законот поднесен од Левица, Мицевски оцени дека радикални, маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и борбата.
„Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академски структури и центри во Бугарија: Македонија да се откаже од своето револуционерно минато, ВМРО да се претстави како ‘контроверзен’ или ‘непосакуван’ дел од историјата, а македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани. Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица“,
рече Мицевски на денешната прес-конференција во Собранието.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија ќе го заштити името, симболот и суштината на македонската борба за слобода и дека ниту еден обид за бришење на историјата нема да помине.
„Во 2018 година имаше обид со поддршка од тогашната власт на СДСМ, ДУИ и СЈО како инструмент да се укине ВМРО и да се измени законот. Тие обиди беа спречени благодарение на поддршката од пријателски држави и сестрински партии. Но денес, она што особено ја открива суштината на ова сценарио е фактот што истата таа улога ја презема Димитар Апасиев, тогаш советник во СЈО, денес лидер на Левица. Само што денес, заслепен од сопствената ароганција, сам си ја потврдува улогата – дека е најобична алатка во туѓи раце“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Изјавата на Мицевски следува откако претходно денеска пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, објави дека пратеничката група која тој ја предводи до Собранието поднела предлог-закон за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.
Во изборната програма за ланските парламентарни избори, Левица вети законска заштита на името ВМРО и превенирање на негово користење од страна на која било политичка партија, фирма или невладина организација поради, како што се наведува во програмата, неговата емотивна злоупотреба во дневнополитички цели.