Мицевски потенцираше дека, настрана суштинските разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, нивната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста и доследна

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, која ја поднесе опозициската Левица, изјави на денешната прес-конференција во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој порача дека повеќе нема простор за компромиси со неуспехот и оти време е за одговорност.
„Институциите, во соработка со обвинителството, со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата. Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност“,
рече тој.
Мицевски нагласи дека, настрана суштинските разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, нивната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста и доследна.
„Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена. Таа борба не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта. Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата“,
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето, што доколку Коцевски не замине од функцијата по изгласана интерпелација, Мицевски нагласи дека дополнително ќе имаат став по оваа прашање.
Засега се знае дека за интерпелацијата, покрај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе гласаат и пратениците на Левица и ЗНАМ. СДСМ се изјасни дека е против.
Левица во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието, Гаши, посочува дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
„Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“,
се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата во која наведе дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочи и дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.