Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски реагира на интервјуто за Радио Слободна Европа за што вели дека се работи за „проблематичен наслов изваден од контекст и креиран од пола реченица“
Од СДСМ со соопштение реагираа на изјавата на Мицевски во интервјуто со забелешка дека ваквиот став на Мицевски е „радикално спротивставување на деструктивните политики на Мицкоски“
Уставни измени нема да има и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот. Вака коориднаторот Никола Мицевски ја демантира, како што вели „грубата манипулција и извртување на вистината која што одредени портали пред малку ја пласираа во јавноста“.
„Имено, станува збор за мое интервју дадено за ‘Радио Слободна Европа’, во кое што јасно и недвосмислено говорам за негаторските и асимилаторските политики и негативни последици од штетниот договор со Бугарија. Во ова интервју многу јасно се гледа кои се моите одговори на новинарските прашања, и многу јасно се гледа и слуша дека тие целосно се извадени од контекст и пренесени во јавноста, со делумно изменета и скратена содржина“,
вели Мицевски во писмениот демант.
Според него, ваквиот проблематичен наслов е изваден од контекст и креиран од пола реченица кој асоцира на нешто друго, без притоа да се пренесе и вториот дел од реченицата, каде што велам дека ние “сме против условувањата кои доаѓаат од Договорот со Бугарија…”
„Нагласувам, вакво тенденциозно и непрофесионално новинарско однесување и пренесување на моите ставови, нема да ги дозволам и прифатам. Дека се работи за оркестриран напад врз мене како пратеник и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, но како и врз ВМРО-ДПМНЕ, потврдува тоа што изминативе денови целата македонска јавност е сведок на паничните и очајните обиди за креирање раздор и дефокусирање на вниманието од реалните проблеми и криминали на власта“,
Дополнително, додава тој, порталот „Радио Слободна Европа” очигледно ја увиде грешката и го промени насловот на интеврјуто, но штетата од ваквото непрофесионално однесување веќе е направена.
Станува збор за интервју на Мицевски за Радио Слободна Европа денеска, со наслов „ВМРО-ДПМНЕ: Не сме против внесување на Бугарите во Уставот“, во кое тој во одговор на новинарско прашање, зошто сте против внесувањето на Бугарите во Уставот, вели:
„Апсолутно не сме против внесувањето на Бугарите во Уставот, ние го кажавме нашиот став, меѓутоа има многу работи во Договорот кои што се основа на сите асимилаторски и негаторски претензии на соседна држава кон нас. Нека се решат сите спорни прашања по однос на тоа. Апсолутно не сме против Бугарите и не само против Бугарите, туку и другите за внесување во Уставот. Меѓутоа ние не завршуваме тука со проблемите, еве со отворање на Уставот и внесување на Бугарите, ние имаме одредена преговарачка рамка, каде што билатерален проблем, којшто се појави годиниве од потпишувањето на тој фамозен Договор со Бугарија за добрососедство и соработка се јавува како проблем…“.
Од СДСМ со соопштение реагираа дека ваквиот став на Мицевски е „радикално спротивставување на деструктивните политики на Мицкоски“.
„Продолжува расколот во ВМРО-ДПМНЕ. После Данела Арсовска, и Никола Мицевски му го сврте грбот на Христијан Мицкоски. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со спротивен став од Мицкоски и радикален пресврт на ставовите. Изјавата на Никола Мицевски дека ВМРО-ДПМНЕ не се против промена на Уставот и внесување на Бугарите, како и другите делови на народи, значи радикално спротивставување на деструктивните политики на Мицкоски“,
се вели во соопштението од СДСМ, кое може да се прочита на следниот линк.
Интервјуто на Мицевски за РСЕ може да го прочитате и погледнет на овој линк.