„Како пратеничка група на СДСМ и коалицијата, остануваме на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се според законот и никако поинаку“, рече пратеникот од редовите на СДСМ
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и коалицијата нема да учествува во гласањето на интерпелацијата за републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, соопшти денеска на прес-конференција пратеникот од редовите на СДСМ, Јован Митрески.

Посочи дека поради неразумните и нелогични одложувања на седницата и барањата за паузи, и неможноста тоа да го направат од собраниската говорница, одлучиле ставот за интерпелацијата за работата на обвинителот Коцевски да го соопштат на прес-конференција.
„Интерпелацијата во принцип значи барање политичка одговорност, а тука зборуваме за човек од третата власт. Третата власт или судската власт која по Устав треба да биде независна. Тоа од една страна. Од друга страна тоа може, но и не мора да има правни последици. Дали ќе има правни последици зависи од самиот обвинител, од самиот функционер. Во овој случај од самиот обвинител, дали ќе поднесе оставка или не“,
рече Митрески.
Според него, ако точката на дневен ред беше одлука за разрешување, тогаш можеше да се отвори дебата дали се задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, секако низ соодветно пропишана процедура.
„Како пратеничка група на СДСМ и коалицијата остануваме на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се според законот и никако поинаку“,
кажа тој.
Потоа, пратеникот посочи и дека премиерот Христијан Мицкоски изјавил дека треба да се смени Јавниот обвинител и дека таа процедура е тргната и нема сопирање. По трагичниот настан во Кочани, вели тој, има промена на изјавата на премиерот, односно дека нема да има разрешување на обвинителот се додека не заврши истрагата.
Со тоа, според пратеникот се отвораат прашања за кои јавноста ќе добие одговор во следниот период.
„Се поставува прашањето дали премиерот Мицкоски е задоволен од истрагата, бидејќи нема одговор до денес, од тогаш кога во истрагата не се опфатени началниците на Тошковски. Се поставува прашање дали целта на ова? Секако во понатамошна постапка, во понатамошен тек е вовед во целосен упат во судството. Се поставува прашање дали заради ова не се донесе Законот за обвинителство кој да потсетам дел од реформската агенда? Се поставува прашање дали целта е да се донесе на крајот и партиски обвинител? Или се поставува прашањето дали крајната цел е вовед во целосна партизација на судството?“,
праша пратеникот.
Митрески посочи и дека обвинителот Коцевски не е присутен на денешната седница во Собранието наменета за негова интерпелација.
Поради неможноста да му се обрати лично од говорницата, рече дека тоа ќе го направи на прес-конференцијата:
„Почитуван обвинител, ние во претходниот мандат сме ви дале доверба заради вашата биографија и искуство. Но, еве и ве критикуваме јавно и гласно за одредени постапки. За тоа јавноста е сведок. Вие, господине јавен обвинител го водите најголемиот, најтешкиот предмет за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Тоа е огромна трагедија случај со пожарот во Кочани. Граѓаните, сите ние очекуваме вистинска правда, вистинска а не селективна правда. Затоа господине обвинител од вас зависи дали после гласањето за оваа интерпелација ќе бидете со штитот или на него. Одлуката е ваша. Ние, како пратеничка група на СДСМ и коалицијата нема да учествуваме во нешто коешто нема или не мора да има правни последици“.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител кон крајот на јуни годинава ја поднесе пратеничката група на Левица поради нефункционалност и политички влијанија врз работата на Јавно обвинителство.
Како образложение за интерпелацијата од Левица наведоа дека таа се темели на четири основи – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата во која наведе дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочи и дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.