Митрески рече дека меѓу работите кои се директни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, а кои денеска во форма на закон ги поднесоа од СДСМ и коалицијата се за одвојување еден денар од акцизата за гориво за спортистите, клубовите и спортската инфраструктура, како и закон за породилно отсуство за жените земјоделки

Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска поднесоа 12 закони кои се изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, надевајќи се дека владејачката партија ќе ги прифати своите сопствени предлози.
Од партијата велат дека има поминато повеќе од една година од почетокот на овој пратенички мандат, а дека како пратеници на СДСМ и коалицијата имаат поднесено десетици закони и ниеден од нив не бил прифатен од мнозинството.
На прес-конференција, Јован Митрески, пратеник на СДСМ и потпретседател на Собранието, меѓу одбиените предлози го наведе законот за продолжување на растот на минималната плата и сите плати во приватниот и јавниот сектор.
„Денес имаме понижени работници, посиромашни граѓани. Денес имаме работници со најниски плати и најнизок животен стандард во Европа“,
рече Митрески.
Тој додаде дека поднеле закони за ослободување од данок на основните производи за секојдневен живот, со цел намалување на цените и заштита на животниот стандард.
„Денес имаме највисоки цени во регионот“,
додаде тој.
Митрески, исто така, потенцираше дека законот за бранители стои заглавен во процедура повеќе од една година, а и законот за настраданите од Кочани, кој бара итна државна помош, е блокиран со злоупотреба на деловничките можности.
Тој нагласи дека од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден закон од нивната предизборна програма за која добиле огромна поддршка од граѓаните. Наместо тоа, тој обвини за целосно спротивни дејства.
„Тие што велеа ’никогаш северна’ поднесоа над 110 закони за промена на името Р Македонија во РСМ. Тие што зборуваа за професионализација, мерит-систем, квалитетни кадри поднесоа над 40 закони за намалување на критериумите за избор на директори за да ги стават нивните партиски послушници на високи државни функции“,
рече Митрески.
Митрески рече дека меѓу работите кои се директни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, а кои денеска во форма на закон ги поднесоа од СДСМ и коалицијата се за одвојување еден денар од акцизата за гориво за спортистите, клубовите и спортската инфраструктура, како и закон за породилно отсуство за жените земјоделки.
„Можеби изгледа парадоксално, но кога тие не ги прифаќаа нашите предлози, еве можеби ќе ги прифатат нивните, истите оние што ги ветуваа пред граѓаните и добија нивна огромна поддршка“,
додаде Митрески.