Градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, во интервју за „Фокус“ најавува дека е подготвен да го преземе кормилото на партијата од актуелниот лидер Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе дочека подобри денови, кои всушност ги чека одамна. Оваа ситуација не може да биде вечна. На луѓето веќе им е смачено од сите притисоци и тапкањето во место. Потребна е целосна промена, со демократски ставови, со различни мислења, со различни совети од сето тоа на крај да умееме да го извлечеме најдоброто. Едноумието не не води кон успех, премногу субјективно размислување не носи чекор назад“,
вели Јанчев за Фокус.
Тој укажува дека Мицкоски го сметал за конкуренција и затоа го разрешил од потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ. Според Јанчев, оценката на Мицкоски дека тој е потрошен кадар е доказ потценувачкиот однос што го има Мицкоски за своите сопартијци и е потврда за неговата неспособност како лидер на најмоќната опозициска партија.
„ВМРО-ДПМНЕ на четири последователни избори губи. Резултатите се многу слаби бидејќи граѓаните немаат идентификација во Мицкоски и сегашното раководство. Политиките на мојата партија граѓаните не ги препознаваат, од тука се и слабите бројки на изборите. Треба да се движиме напред, да дефинираме јасни политики, со свежи и проевропски идеи за нашата земја, со јасен правец за Европа и НАТО. Кога јас ќе ја преземам ВМРО-ДПМНЕ, секојдневното функционирање на партијата ќе се движи во еден сосема поинаков правец, а тоа значи европеизација, демократизација, економија и просперитет за секој еден граѓанин во нашата земја’,
подвлекува Јанчев.