Портпаролката на Владата побара одговори од опозицискиот СДСМ, зошто во времето кога тие биле на власт се отворени голем број спорови и прашуваат дали се создавало терен за вонсудско решавање на споровите со што би се испумпале пари на граѓаните
Победата во арбитражниот спор за „Казан дол“ не е само правен успех, туку доказ дека кога се настапува со посветеност и сериозна работа, државата може да ги добива споровите – рече портпаролката Марија Митева на денешната прес-конференција во Владата.

Откако вчера СДСМ, а потоа и пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи соопштија дека случајот поврзан со спорот со инвеститорите, односно судските рочишта се затворени во 2023 година, а Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две години по завршните зборови и оти ВМРО-ДПМНЕ е партијата која дала концесија на инвеститорите за изградба на рудникот во Валандовско, Митева денес одговори дека овие обвинувања се лажни и упати прашања до опозициската партија: Зошто во првата половина на април во 2023 година, во Виена, биле водени преговори за можна спогодба за „Казан дол“ помеѓу владини претставници и претставници на тужителите, за што потврда е одлуката која актуелната влада ја донела со која се одбила предложената спогодба.
„Со доаѓањето на новата влада беа наследени осум меѓународни активни арбитражни постапки, што претставува рекорден број арбитражни постапки покренати од осамостојувањето на Македонија. Три постапки се инвестициски спорови и пет трговски спорови и има најави за тужби за четири други постапки. Во сите активни постапки потенцијалната штета за буџетот на државата беше во износ од 865 милиони евра. Овој податок говори за неодговорниот пристап на претходната влада, која со своите постапки ги доведе во ризикот буџетот и меѓународниот углед“,
рече Митева.
Таа праша и зошто во времето на претходната влада биле отворени толку спорови и дали се создавало терен за вонсудско решавање на спорови и начин за испумпување пари од граѓаните. Дополнително, информира за тоа колку спорови се добиени и колку средства биле заштедени од буџетот на земјава.
„Успешно се завршени три арбитражни постапки, направена е заштеда на буџетот од околу 565 милиони евра и дополнително за овие 14 месеци нема нова постапка. Добиени се постапките со Казан дол од 115 милиони евра, Саса против Македонија во вредност од 445 милиони евра и Гама против Македонија 5 милиони евра“,
рече Митева.
Вчера министерот за транспорт Александар Николоски информира дека Македонија успеа да заштеди 115 милиони евра откако го доби арбитражниот спор со дел од инвеститорите во рудникот „Казан дол“ во Валандово.
По прес-конференцијата на Николоски, следуваше реакција до СДСМ од каде што наведоа дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година ја дала концесијата за рудникот „Казан дол“ на компанијата „Сардич“, но и оти владата на СДСМ и Зоран Заев по огромниот револт на граѓаните на Валандово го раскина договорот за рудникот „Казан дол“ во март 2018 година. Оттогаш започнал и процесот на арбитража, а од СДСМ велат и дека целиот процес е завршен од владата предводена од СДСМ, иако одлуката пристигнала сега.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи потсети дека случајот поврзан со спорот со инвеститорите, односно судските рочишта се затворени во 2023 година, а Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две години по завршните зборови.