СДС и ДУИ се единствено виновни за рудникот Иловица, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролката Марија Митева на денешната прес-конференција рече дека првиот договор за концесија е потпишан во 2006 година од тогашниот министер за економија Фатмир Бесими.
„Ако владата на СДС и ДУИ не го потпишала овој договор во 2006 година, денеска Македонија ниту ќе беше на арбитража и ниту ќе имаше страв кај жителите на струмичко дека Струмичката Котлина и поширокиот регион може да бидат контаминирани. Овој договор кој го потпишал Фатмир Бесими, врз основа на одлука на владата на СДС и ДУИ за давање концесија од 25 април 2006 година е коренот на проблемите“,
посочи Митева.
Според неа, пропаѓаат обидите да се обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски. Потценување на интелигенцијата на граѓаните е, како што рече Митева, министри да се претставуваат како заштитници кога се појавуваат на протест, а на седница на влада гласаат спојување на концесиите и реализација на нивниот проект донесен со одлука на Владата во 2006 година.
„Ова е документираната вистина, а таа говори дека рудникот Иловица е замисла и проект на СДС и ДУИ, од почеток до крај. Одговори за срамните изјави дека еден министер во случајот Крешник Бектеши ја довел цела влада во заблуда да ја изгласа оваа одлука нема, па затоа ова јасно потврдува дека оваа влада е спремна да се лаже и меѓу себе само за задоволување на лични бизнис-интереси“,
додаде Митева.
И после 17 години, истата таа влада на СДС и ДУИ, дозволува проектот да отпочне, а на сето тоа му претходи преземање на „Еуромакс рисорсис“ од страна на бизнисмен кој важи за близок до ДУИ, рече Митева.
„Истиот тој Дестани за кој во јавноста се тврди кој нема ниту еден ден искуство, ниту некаква експертиза од копање на злато, треба да ги убеди граѓаните во струмичко дека тој ќе работи по стандарди и средината нема да се контаминира. Зарем некој ќе поверува? Почитувани, проектот Иловица е исклучиво за ќар на СДС и ДУИ“,
изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.