Владината портпаролка на социјалните мрежи напиша оти обвинувањата на СДСМ со јавното обележување и дискредитирање на медиуми од прес-конференција недозволиво и нелегитимно
Македонија не смее и нема да оди по патот кој потсетува на СДСМ кои преку јавен притисок се обидуваа да ги стават медиумите под контрола, реагира владината портпаролка Марија Митева по прес-конференцијата на СДСМ на која опозициската партија обвини оти ВМРО-ДПМНЕ сее лаги, лажни вести и манипулации со кои системски го одвлекуваат вниманието во јавноста.

Митева вели оти со денешниот настап, СДСМ направила јавно обележување и дискредитирање на медиуми со истакнување на графикони и политички квалификации, што претставува директен и недозволив напад врз слободата на медиумите.
„Оваа Влада работи на воспоставување институционални механизми за заштита на новинарите, се формира работна група за спречување на SLAPP тужби, се води отворен дијалог со новинарските синдикати и медиумските здруженија, а СДС свесно избира да настапи со јавна стигматизација на медиуми“,
вели Митева.
Дополнително, вели оти посебно лицемерно е што вакви напади доаѓаат од политичка партија која декларативно се повикува на слобода на медиумите, а чиј однос кон новинарите јавноста многу добро го памети.
Времето на замолчување, селективен пристап, притисоци, омаловажувања и лош однос кон новинари се гледаше на дело токму кога тие зборуваа за „слободи“. Тоа време е завршено. Колку и да ги познаваме медиумските процеси, колку и да сме свесни за различни уредувачки пристапи, никогаш нема да си дозволиме јавно таргетирање и етикетирање медиуми. Таквото однесување е знак на длабока и структурна слабост на СДС и намера за притисок“,
кажа владината портпаролка.
Таа рече и оти тоа што го прави СДСМ претставува сериозна штета за медиумскиот простор во Македонија и потег кој мора да биде јасно осуден затоа што може да остави долгорочни последици.
