Во однос на обвинувањата на СДСМ за изборни нерегуларности, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, рече дека разликата е толку огромна што, како што кажа, нема простор за ваквото алиби на СДСМ со кое сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, најави историска победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. На вечерашната прес-конференцијата во партиското седиште, тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на голема победа, со разлика од 3:1, 6:1, 7:1, како и општини каде што разликата е 10:1.

„Досега веќе се одбраа градоначалници во Кисела Вода, Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, Сопиште, Штип, Велес, Бутел, Аеродром, Јегуновце, Вевчани и на многу други места. Гласовите се пребројуваат, а резултатите укажуваат на водство. На прагот сме на убедлива победа во Струмица, а Орце Ѓорѓиевски убедливо води во Скопје“,
изјави Мисајловски.
Посочи дека резултатите за Град Скопје сè уште се собираат, но дека кандидатот предводен од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, води 5:1 и 6:1 во многу средини. И за него, како што рече, се очекува историска победа.
„Во Центар водиме, имаме резултат дека Билал води 2:1 во Тетово. Во Карпош ќе има најверојатно втор круг, но нашиот кандидат убедливо води“,
додава потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на обвинувањата на СДСМ за изборни нерегуларности, Мисајловски рече дека разликата е толку огромна што, како што кажа, нема простор за ваквото алиби на СДСМ со кое сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл.
„Изворот и причините за дебаклот треба да ги бараат во сопствените редови. Што се однесува до ДУИ, очигледно дека се декласирани, Али има време да си го анализира својот пораз. Оваа победа е резултат на многу работа, посветеност и одобрување на политиките кои ги водиме. Македонија избира да оди напред, не да се враќа назад“,
изјави Мисајловски.
Претходно денеска, опозицискиот СДСМ обвини за низа изборни нерегуларности во повеќе општини, за кои најави дека ќе поднесе соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции.