„Соработката со нашиот стратешки партнер САД продолжува со засилено темпо, со јасна заедничка определба за понатамошен развој и унапредување на одбранбениот сектор“, пишува Мисалјовски

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, остварил серија средби насочени кон зајакнување на македонските одбранбени капацитети и продлабочување на партнерството со Вашингтон.
На средбата со директорот на Агенцијата за безбедносна соработка (DSCA), Мајк Милер, разговарале за досегашната успешна соработка меѓу двете држави во областа на одбраната, која се реализира преку програмите за поддршка преку кои САД обезбедуваат финансирање, опрема и поддршка за сојузничките земји.
Мисајловски најави дека претстои нова набавка за развојот на македонските вооружени сили.
„Инвестирањето во одбранбените капацитети останува наш врвен приоритет, имајќи ја предвид нивната клучна улога во обезбедувањето на стабилноста и безбедноста на регионот“,
напиша Мисајловски на неговиот фејсбук-профил по средбата со Милер.
Тој додаде дека во следниот период предвидени се нови набавки насочени кон модернизација и јакнење на капацитетите на Армијата.
„Соработката со нашиот стратешки партнер САД продолжува со засилено темпо, со јасна заедничка определба за понатамошен развој и унапредување на одбранбениот сектор“,
пишува Мисалјовски.
Покрај средбата со Милер, министерот вчера во Пентагон разговарал и со Даниел Зимерман, помошник секретар за меѓународни безбедносни прашања. На оваа средба, како што вели Мисајловски, било потвредено ставот дека стратешкото партнерство и соработката во областа на одбраната се на исклучително високо ниво.
„Ова претставува цврста основа за нивно понатамошно продлабочување, унапредување и дополнително зајакнување на партнерството со Соединетите Американски Држави, во интерес на регионалната и глобалната безбедност“,
вели тој.
Мисајловски изрази благодарност за досегашната американска поддршка, потенцирајќи дека таа значајна улога за зголемување на подготвеноста на Армијата и интероперабилност со сојузниците.
Владите на Република Северна Македонија и на САД во средата објавија заедничка изјава по одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог во Вашингтон, во која се реафирмира определбата на двете држави за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.
