Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои двотретинско мнозинство, ќе стори сè што е можно за да ги коригира штетите што Зоран Заев ѝ ги направи на Република Македонија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција откако претходно лидерот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека опозицијата со укинување на Преспанскиот договор ќе ја врати земјава 25 години назад.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство и тоа не значи дека Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции. Напротив, Македонија ќе биде горд сојузник на нашите стратегиски партнери, а странски инвестиции ќе има многу повеќе отколку сега, бидејќи странските инвеститори нема да ја заобиколуваат земјава притиснати од рекетот на соработниците на Заев“,
рече Мисајловски.
Тој рече дека тоа не значи закана туку дека ВМРО-ДПМНЕ само покажува што мислат и партијата и граѓаните нагласувајќи дека стојат зад тоа дека договорот со Грција е штетен.
„Ќе биде штетен и ќе остане штетен бидејќи задира во идентитетот, задира во сè она македонско. И точно така ние веќе неколкупати кажуваме дека доколку граѓаните ни дадат шанса ние ќе пробаме да го ревидираме. Не се закануваме никому, сакаме да имаме пријатели насекаде, но се разбира дека не треба да се срамиме од тоа што сме и никогаш нема да се срамиме. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци каде и да сме“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.