Македонската Армија денеска го слави својот 33. роденден, а тоа се 33 години напредок, 33 години безбедност на татковината и сигурност на граѓаните, кажа Мисајловски
Силно сме посветени да ја зајакнеме нашата одбрана со исполнување на заложбите за инвестиции во одбранбените ресурси согласно одлуките на Самитот на НАТО во Хаг, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски од свеченоста по повод Денот на Армијата, 18 Август. Столбовите на кои ја градиме Армијата и одбранбените сили стојат цврсто, рече тој, а буџетирањето на одбраната е на високо ниво.
„Инвестициите ги гледаме на дело, средствата кои граѓаните ги вложуваат во нашата одбрана ги инвестираме плански и домаќински, а резултатот го гледаме пред нас – во новите лесни оклопни и инженериски возила, во новите артилериски орудија ‘боран’ кои неодамна ги промовиравме, во нова и напредна опрема која ни овозможува да кажеме: македонската армија е НАТО-армија,“
порача министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Во говорот пред присутните Мисајловски ги спомена и новите лесни оклопни возила од американско производство со кои, како што рече ,бројот на овој тип возила наменети за македонската армија се искачи на 67 од вкупно 96 кои се предмет на набавка.

Тој најави и дека годинава, арсеналот на возила ќе се зајакне и со пристигнување на дел од оклопните возила „страјкер“.
„Споменатите артилериски системи ‘боран’ набавени од сојузничка Турција се веќе дел од армискиот арсенал. Набавуваме и напредна комуникациско-информатичка опрема и опрема за сајбер одбрана и криптозаштита, која е дел од седумте договори кои ги потпишавме со САД од декември минатата година. Во овие договори се вклучени набавки за беспилотни системи, опрема за извидувачките и разузнавачките единици, опрема за специјални сили, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган. А покрај овие договори тука е набавката на системот за против оклопна борба ‘џавелин’ кој ќе биде вграден во дел од оклопните возила ЈЛТВ и ‘страјкер’“,
рече Мисајловски.
На свеченоста се обрати и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова која говореше за вложувањата во Армијата и за зголемувањето на трошоците во рамки на НАТО. Претседателката предлага Штип да стане локација за изградба на хибриден модел на клинички центар на НАТО.
Таа предложи и иницијатива за изградба на НАТО центар за обука на обучувачи на армискиот полигон „Криволак“, за кој рече дека е еден од најдобрите во Европа и нагласи дека припадниците на македонската армија имаат доволно знаење и искуство за да го споделат со НАТО сојузниците.
На денешната свеченост по повод Денот на Армијата, која се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип, покрај претседателката и министерот за одбрана, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.