Министерството за информатичко општество и администрација информира дека претходно издадените дозволи за движење кои се назначени како трајни, продолжуваат да важат и за време на викендот, односно од 5 заклучно до 7 јуни. За останатите продолжуваат да важат истите процедури за добивање на дозвола.
Како што се наведува во соопштението, категории на дозволи кои ги издава МИОА се: претставници на институции со одлука на Кризниот штаб на Владата, дежурни медиумски работници кои имаат потреба од работа на терен, вработени во мали пекари/бурекчилници (најмногу до 5 вработени) со документ како доказ дека станува збор за микропретпријатие.
Во оваа категорија опфатени се и дежурни вработени во погребни претпријатија, одредени категории земјоделци, по одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, регистрирани одгледувачи на животни во Кинолошки сојуз и ловочувари во регистрирани здруженија, ЈП, национални паркови.
МИОА наведува дека сите дозволи што ги обезбедува се достапни преку порталот „uslugi.gov.mk“.
„Барањето за дозвола за движење на вработените во институции, медиуми, пекари/бурекчилници, погребни претпријатија, на порталот uslugi.gov.mk го поднесува раководителот на институцијата/директорот/овластеното лице во Централен регистар за своите вработени. Барањето за дозвола за движење за лицата кои се грижат за трето лице, го поднесува лицето кое ја врши негата“,
соопшти Министерството при што се посочува дека тие не даваат дозволи за движење на приватни фирми.
