На вториот министерски состанок, кој се одржува преку конференциска врска, Шекеринска и колегите од сојузничките земји ќе разговараат и за мисиите и операциите на НАТО во Авганистан и Ирак
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска и утре ќе учествува на состанок со нејзините колеги од земјите во Алијансата, кој поради глобалната пандемија по вторпат се одржува преку видеоврска.
Министрите за одбрана на 30 земји членки на НАТО, како што соопштуваат од Министерството за одбрана, ќе разговараат за активностите на Алијансата во намалување на последиците од пандемијата на коронавирусот, како и подготовките за можниот втор бран на ковид-19.
„Алијансата имаше клучна улога во помош на земјите членки во оваа здравствена криза, а пример за тоа е реализацијата на над 350 летови кои пренесоа стотици тони критична опрема низ целиот свет, додека над 100 полски болници на Алијансата беа поставени за прием и медицинска грижа на заболените граѓани. Таква болница во почетокот на пандемијата беше подигната и во нашата земја“,
стои во соопштението.
Министерката Шекеринска и колегите од сојузничките земји ќе разговараат и за активностите на Алијансата во одржувањето на безбедноста и стабилноста во евроатлантската област, како и мисиите и операциите на НАТО во Авганистан и Ирак.
