Средба помеѓу двајцата министри беше предлог и на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, кој предложи таа да биде во трилатерален формат односно на масата со Лавров и Кулеба да седне и тој
Министрите за надворешни работи на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба, ќе се сретнат во Турција, потврдија и руското и турското МНР.
Ова ќе биде прва средба помеѓу шефовите на двете дипломатии откако започна руската инвазија на 24 февруари.
Лавров ќе патува во Анталија на меѓународен дипломатски форум, а неговиот „контакт“ со Кулеба е планирано да се случи таму, изјавила денеска портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, пренесува РИА Новости.
Според најавата, состанокот треба да се случи утре (10 март), додека дипломатскиот форум ќе се одржи еден ден потоа.
Средба помеѓу двајцата министри беше предлог и на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, кој предложи таа да биде во трилатерален формат односно на масата со Лавров и Кулеба да седне и тој.
Чавушоглу и самиот ја потврди средба со објава на Твитер.
„По иницијативата на претседателот Ердоган и нашите дипломатски напори, министрите за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и на Украина, Дмитро Кулеба, одлучија да се сретнат со мое учество на средбата на маргините на дипломатскиот форум во Анталија“,
напиша Чавушоглу.
Преговарачки тимови на Украина и Русија досега имаа три рунди преговори, но досега не е постигнат конкретен договор.