Според изјавата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, санкциите се потребни за да се ограничат средствата на Русија за водење на војната во Украина
Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија не постигнаа договор за воведување на нов, 18-ти по ред пакет санкции за Русија по денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија кој се одржа денеска во Брисел. Ова го соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас и рече оти во услови кога руските напади достигнуваат рекордни нивоа и кога се забележува зголемена употреба на хемиско оружје од страна на Русија, санкциите се неопходни
„Морам да кажам дека бевме навистина близу да ја увериме Словачка дека Комисијата го исполни она што таа го бара, па сега топката е во дворот на Словачка“,
рече Калас.
Дополнително, вели дека Русија покажува дека не сака да биде постигнат мир и затоа Европската Унија ќе продолжи да го зголемува притисокот, со цел да ја запре нејзината агресија врз Украина. Во однос на најавите на американскиот претседател Трамп дека САД ќе испратат поголеми количества оружје за Украина, рече дека одлуката е за поздравување и оти Европската Унија е подготвена да најде начин за споделување на товарот на трошоците.
„Ако Америка и Европа работат заедно може да извршат притисок врз Путин да почне сериозно да преговара. Тоа е единствениот начин да се стави крај на оваа војна“,
рече Калас.
На состанокот се разговарало и за актуелната состојба на Блискиот Исток и договорот за зголемување на хуманитарната помош во Газа, кој беше постигнат од страна на Израел и Европската Унија минатата недела, а Калас рече и дека Европската Унија внимателно ќе ја следи имплементацијата на договореното и оти ќе воведат мерки доколку Израел не го спроведе договореното.
„Гледаме позитивни знаци. Гледаме како поголем број камиони и повеќе залихи пристигнуваат во Газа, гледаме дека се отвораат повеќе премини, а исто така гледаме и дека се поправаат електричните водови. Но, Израел треба да преземе поконкретни чекори за подобрување на хуманитарната ситуација. Целта не е да се казни Израел, туку вистински да се подобри ситуацијата во Газа“,
рече таа.