„Министерството за здравство потпиша Меморандум за соработка со компанијата ‘Лимак’ со што се обезбедува паркинг простор за 300 возила наменет за вработените во здравствените установи во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, изјави министерот за здравство Азир Алиу

Министерот за здравство Азир Алиу денеска објави дека Министерството обезбедило 300 паркинг места во комплексот „Лимак“ за вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, со што се дава одговор на еден од најгорливите проблеми во најголемиот здравствен комплекс во државата.
„Во услови кога над 6 000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот ‘Мајка Тереза’ во Скопје, а повеќе од 2 500 се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизации. Министерството за здравство потпиша Меморандум за соработка со компанијата ‘Лимак’ со што се обезбедува паркинг простор за 300 возила наменет за вработените во здравствените установи во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје кои ќе имаат пристап од 24 часа“,
соопшти Алиу.
Тој додаде дека овој паркинг простор се наоѓа на приближно пет минути пешачење од која било клиника и дека ќе биде ставен во функција од 1 јули.
„Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот го ослободуваме најблискиот простор за пациентите. Граѓаните нема да мораат да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви за наоѓање паркинг“,
рече тој.
Според министерот, во комплексот во моментов се мапирани 700 места за паркирање, а дневно има 2 500 возила. Тој информираше дека во тек е поставување информативни дигитални табли на влезовите во Клиничкиот центар, како и на клучните точки низ комплексот преку кои граѓаните полесно ќе ги наоѓаат клиниките и здравствените институции.
Одговарајќи на новинарско прашање за ѕидот што се урна кај Детската клиника, Алиу рече дека процедурата е веќе почната, како и дека ќе има повлекување од метар и половина за да може патот над Клиничкиот центар да биде проширен.
Во однос на проблемот со клиничката пералница, кажа дека во моментов се анализира состојбата и дека за кратко време ќе се изнајде решение.
„Малку е покомплексен проблемот. Заедно со Владата, директорот на институцијата и со мене како министер за здравство, ценам дека брзо ќе најеме решение како институцијата да се ослободи од таков тип на финансиски притисоци“,
рече Алиу.
Алиу рече и дека мора да се направи нова методологија и анализа за потребите на здравството и на пациентите врз основа на понови податоци поврзани со демографијата, новите болести, потребите на пациентите, како и на здравствените установи и вработените.