Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека во 2019 и во 2020 година, во тендерската документација се поставуваат услови и критериуми кои можела да ги исполни само една компанија – наводно на дедото на директорот на ГОБ „8 Септември“
Министерството за здравство најавува тужба пред граѓанскиот суд во Скопје за обвинувањата во врска со набавката на вакцини за сезонски грип што денеска, на прес-конференција, ги изнесе Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во демантот од МЗ се посочува дека објавата на тендерската документација, што ВМРО ДПМНЕ се обидува да ја поврзе со Министерството, е неточна, односно дека набавката, всушност, е спроведена од Центар за јавно здравје – Скопје, каде што се набавуваат вакцини за комерцијални цели.
„Двете постапки кои се објавени од Министерството за здравство, за 2019 година е со број на оглас 08685/2019 од 25.09.2019 година, а за 2020 година е со број на оглас 11316/2020 од 06.08.2020 година и во истите јавноста може да воочи дека спецификацијата е направена онака за да можат и двата производители, чии вакцини се регистрирани во државата, да учествуваат со своја понуда.
велат од МЗ.
Следејќи ги препораките на СЗО и на Комисијата за заразни болести, една од ризичните групи опфатени со бесплатна вакцинација се децата од 6 месеци до 5 години. Нашата цел е да заштитиме што поголем број на деца. Вакцините кои се наменети за вакцинација на деца, доколку не се искористат, се пренаменуваат за вакцинација на другите ризични категории“,
Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, објави „сознанија“ дека во 2019 и во 2020 година, во тендерската документација за набавка на вакцини против сезонски грип, во делот на спецификација на тие вакцини се поставуваат услови и критериуми кои може да ги исполни само една компанија.
„Во тендерската документација, во делот на спецификација на вакцините против сезонски грип е наведен критериумот вакцините да соодветствуваат за употреба на возраст од 6 месеци и постари. И во двата случаи кога е наведен тој критериум тендерот го добива веледрогеријата ‘Елбијор’ на Стојмир Петров, татко на сопругата на директорот на болницата ‘Осми септември’, Христијан Костов. Во 2017 и 2018 година, кога во делот на спецификацијата не е наведен критериумот вакцините да соодветствуваат за употреба од шестмесечна возраст и постари тендерот го добива друга фирма, и на повеќе фирми им е овозможено да учествуваат’,
вели Андоновска.
Таа оцени дека постои сериозен сомнеж за злоупотреба на буџетски пари и апелираше Обвинителството да го истражи случајот.