Одлуката за ваквиот чекор денеска ја обелодени министерот Азир Алиу објаснувајќи дека мерката ќе биде во сила сè додека „не се воспостави систем преку кој Комората ќе работи законито, транспарентно и професионално“. Стоматолошките факултети во Скопје и во Тетово, како и неколку здруженија, ја поздравија одлуката
Според Алиу, надзорот на документите на Стоматолошката комора детектирал сериозни пропусти како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.

„Надзорот, како и документите покажаа сериозни пропусти – договори склучени ретроактивно спротивно на закон, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација, игнорирање на привремената мерка и конечноста на одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот“,
изјави министерот Алиу на денешната прес-конференција.
Чекорот со одземање на надлежностите за лиценцирање од Стоматолошката комора тој ја нарече почеток на реформа која треба да ја врати довербата, која треба да обезбеди интегритет и која ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и со вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Министерот соопшти и дека има индиции за финансиски злоупотреби.
„Имаме сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората за кои финансиската полиција истражува, има прибавено обемна документација, за која веруваме дека за брзо време ќе има епилог“,
рече Алиу.
Ваквата одлука на министертвото наиде на поддршка од стоматолошките факултети во Скопје и во Тетово, од Македонско стоматолошко друштво, од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи.