Пријавувањето, вели Алиу, е доверливо, а Министерството е посветено на унапредување на здравствениот систем и на безбедноста на пациентите

Министерот за здравство Азир Алиу денеска апелираше до граѓаните да пријават евентуални неправилности поврзани со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции. Пријавите можат да се поднесат преку посебна алатка на веб-страницата на Министерството за здравство.
„Транспарентноста во секој процес е наш приоритет. Кон секоја пријава за каква било неправилност пристапуваме со максимална одговорност и постапуваме согласно законските процедури“,
вели Алиу.
Пријавувањето, рече тој, е доверливо, а Министерството е посветено на унапредување на здравствениот систем и на безбедноста на пациентите.
Од Министерството информираат дека веќе работи интерна комисија за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата.
Алиу вели дека наодите од оваа анализа наскоро ќе бидат доставени до стручна комисија составена од странски експерти.
Истовремено, од Министерството велат дека испратиле допис до сите јавни здравствени установи со барање за податоци за вкупниот број на извршени процедури и операции во периодот од јануари 2022 до август 2025 година, вклучувајќи коронарографии, стентирања, васкуларни ангиографии и други кардиохируршки операции.
Интерната комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година, во јавните и приватните здравствени установи.
Нејзиното формирање следуваше откако кардиохирургот д-р Сашко Кедев на јавен настап рече дека во приватните клиники во земјава се прават непотребни кардиолошки интервенции со цел да се извлечат пари од граѓаните.
По ова, министерот Алиу оствари средба со Кедев на која тие размениле информации во врска со наводите, а министерот рекол дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи ќе бидат задолжени од 15 септември да го информираат ресорното министерство, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции.