Со ребалансот се намалени пред се сумите за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи, за медицинска опрема, за амбуланти во руралните подрачја, а меѓу другото се предвидени кратења и во делот на изградба на Општата болница во Кичево и за изградбата на клинички центар во Скопје и во Штип
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со ребалансот на Буџетот не се кратат средства од здравството и покрај тоа што е намален буџетот на Министерството за здравство. Одговарајќи на новинарско прашање, првиот човек на Владата кажа дека приоритет ќе биде завршувањето на изградбата на клиничките болници во Штип и Кичево.
„Веќе работиме со една компанија сериозно и тоа ќе го направиме по еден економски модел кој нема да значи сомневања за криминал, посебни специјални закони. Ќе има транспарентна процедура, тендерски ќе биде согласно законот. Ние кратиме само онаму каде требаше да се скрати – а тоа е да не се краде на болните од канцер, да не се плаќаат надоместоци за организациските директори, да не се краде од негата на луѓето на кои таа им е потребна и најважна. Оваа влада ќе работи за граѓаните, а не за тајкуни на веледрогерии,“
изјави Мицкоски.

Но, на страна од тврдењата на Мицкоски дека во здравството нема да се крати, во документот за ребалансот на буџетот пишува дека Министерството за здравство наместо со 125 милиони евра, годината ќе треба да ја заврши со 117 милиони евра. Во проценти, тоа е намалување за околу 6,5%.
Најголем дел од тие кратења се во сумите за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи, за медицинска опрема, за амбуланти во руралните подрачја, а меѓу другото се предвидени кратења и во делот на изградба на општата болница во Кичево и за изградбата на клинички центар во Скопје и Штип.

Објаснувајќи дека, сепак, кратење нема, кажа дека состојбата во здравството е апокалиптична. А потоа додаде дека кратење ќе има само во делот на крадењето. Инидиректно ги обвини и веледрогериите за правење големи профити во спрега со раководствата на болниците, на сметка на Буџетот.
„Не почнуваме од нула, туку од минус десет, од минус сто почнуваме. Нема кај нас да слушате за наместени тендери и онкологии. Тоа некому пречи и сега ќе иницираме јавна дебата, зашто нема веќе за нив пари. Лично ќе ги гледам фактурите на Царина кога ќе се увезуваат медикаменти, лично јас ќе седам и ќе ги гледам за да нема ненормални приходи, поединици да книжат на сметка на здравјето на граѓаните,“
посочи Мицкоски.

Од СДСМ пак возвратија дека Мицкоски е неук како функционира увозот на лекови.
„Или е неук, или пак поопасната можност е да планира да увезува лекови од паралелен увоз, како што тоа се правеше во времето на Груевски. Пазарот на лекови е најрегулираниот пазар во земјата. Цената на секој увезен лек се утврдува врз основа на методологија и се пресметува како просек од цените во референтните земји. Таа цена се нарекува единствена максимална цена. Наместо да продава евтини ПР трикови и да се срами со незнаење, нека почне за почеток да проверува како неговите најблиски соработници добиваат поклони од 325 000 евра. Нека седи лично, како што вели, и нека проверува поклон по поклон во анкетните листови на Јанушев и останатите“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.