Министерството за здравство апелира до граѓаните да ги почитуваат во целост мерките и препораките за заштита од коронавирусот.
Советот до граѓаните е да даваат вистинити и точни информации на надлежните институции, а Министерството за внатрешни работи поинтензивно да врши контроли на терен.
„Сите мора да се придржуваат, без исклучок до препораките и целосно и вистинито да ги даваат сите информации до надлежните. Со криење и со давање невистинити податоци не се постигнува ништо, ниту некој ќе се заштити од болеста, напротив, и себеси и најблиските така се доведуваат во голема опасност. Апелирам уште еднаш до МВР поинтензивно да се вршат контроли на терен“,
изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Исто така, се апелира строго придржување до мерките за заштита за побрз излез од здравствената криза – да нема групирања и да се одржува потребното растојание, да се носи заштитна опрема и често миење и дезинфекција на рацете.
