Ваквата одлука следи откако семејството на починатата се пожалило на несоодветна лекарска помош
Министерството за здравство ќе почне постапка за инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за случајот со починатата пациентка на инфективното одделение во тетовската болница.

„Јавноста ќе биде навремено известена по завршувањето на постапката за утврдување на фактичката состојба. Министерството за здравство останува посветено на транспарентноста, одговорноста и обезбедување на квалитетна здравствена заштита за сите граѓани“,
пишува во соопштението на министерството.
МВР денеска информираше дека рано утрината Ј.С. од село Копанце пријавил во СВР Тетово дека на инфективно одделение во Клиничка болница – Тетово била хоспитализирана С.С. (30) од с.Копанце, член од неговото семејство, по што таа набргу починала.
„Според пријавеното, таа била примена на болничко лекување, претходниот ден во 19.00 часот и наводно, според негово кажување, не ѝ била укажана соодветна лекарска помош, по што починала. Полициски службеници од СВР Тетово излегле на местото и по однос на пријавата бил формиран тим за испитување на настанот, кој ќе го води дежурен јавен обвинител во содејство со екипа од СВР Тетово“,
информираат од МВР.