Од Министерството за правда велат дека сè додека не заврши рокот, кој истекува вечерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. На полноќ истекува рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група. Од Министерството за правда велат дека сè додека не заврши рокот, кој истекува вечерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња.
Според последните информации, работната група треба да има меѓу шест и осум експерти. Дел од политичките партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.
Цветанка Иванова, актуелна генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка ќе го претставува СДСМ во работната група. Алијанса за Албанците го номинира пратеникот Ремзи Мехмеди за претставник на партијата во работната група за уставните измени. Според информациите, свои претставници во групата номинирала и Беса, а се очекува денеска и ДУИ да соопшти кој ќе биде номиниран од кај нив.
Опозициските партии, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, Социјалистичка партија на Македонија и Демократски сојуз викендов информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Во јавноста излегоа имиња на експерти, но засега нема официјална информација кој од нив ќе биде дел од оваа работна група.
На дописот од Министерството за правда, први се одзваа од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во работната група свои експерти треба да доминираат и од Министерството за надворешни работи.