Министерот вели дека за кратко време ќе биде одржана конститутивна седница на Работната група или ад хок телото што е формирано во рамки на Владата, а кое треба да даде сопствено мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на Здружение или фондација

Министерот за правда Никола Тупанчевски вели дека како институција немаат никакви ингеренции околу најавеното отворање на вториот бугарски клуб во земјава, кој е планирано да се отвори во петок во Охрид и ќе го носи името „Цар Борис Трети“.
„Јас повторно ќе речам како Министерство за правда ние немаме никакви ингеренции, за жал. Дефинитивно, не случајно, до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации формиравме ад хок тело сакајќи да го бајпасираме овој вакуум кој станува се понепријатен и мора ние како држава да бидеме подготвени за некакви идни потенцијални провокации“,
рече министерот за правда Тупанчевски по завршувањето на првиот академски час на Правниот факултет.
Министерот вели дека за кратко време ќе биде одржана конститутивна седница на Работната група или адхок телото кое е формирано во рамки на Владата, а кое треба да даде сопствено мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на Здружение или фондација.
„Сведоци сте дека пред еден месец ја формиравме работната група или ад хок телото во рамките на Владата на Република Северна Македонија која треба како советодавно тело да даде сопствено мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на здружение или фондација. Чув дека постои таква најава, комисијата е формирана и на последната седница разговаравме околу некои технички аспекти и тоа не е комисија во рамки на министерството за правда, туку е тоа владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана конститутивна седница бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која е поставена пред нив“,
рече министерот Тупанчевски одговарајќи на новинарско прашање дали како Влада ќе дозволат отворање на вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис“ без ад хок комисијата да даде зелено светло.
На прашање на „360степени“ дали случаите во оваа Комисија ќе се разгледуваат ретроактивно, Тупанчевски, нагласи дека како правници треба да бидат внимателни во однос на тоа.
„Доколку сакаме да направиме некакви ретроакции, моето мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции. Знаете дека кога станува збор за оваа хиперсенсибилна сфера тогаш постојат и други институции каде што би требало на некој начин да се санкционираат евентуалниот говор на омраза, негативните чувства и сето тоа е содржано и во Кривичниот законик на Република Северна Македонија“,
одговори кратко министерот.
Инаку, како што стои во најавата, „На 7 октомври 2022 година, вториот бугарски културен центар официјално ќе ги отвори вратите во градот Охрид, Република Северна Македонија, кој ќе го носи името „Цар Борис III“. Специјален гостин на отворањето ќе биде бизнисменот, филантроп и филантроп д-р Милен Врабевски, со чија финансиска поддршка овој клуб ќе стане реалност. Ги покануваме сите пријатели и истомисленици во 12:00 часот по локално време во трговскиот центар Аман, кат 1, соба 128, заедно да отвориме уште еден центар за градење мостови меѓу двете братски земји!“
