Министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, потпишаа меморандум за соработка меѓу АНБ и Министерството за правда, а целта, како што информираа, е поголема заштита на националната безбедност на државата.
Со договорот за соработка, како што наведуваат од Министерството за правда, се утврдуваат податоците, информациите и искуствата што ќе се разменуваат и се уредува начинот и постапката на размена на податоците и информациите помеѓу договорените страни.
„Исто така се предвидува и размена на искуства, соработка во градење на кадровските капацитети, потребните обуки, одредување приоритети како и други области од интерес,“
велат од Министерството за правда.

Од министерството потенцираат и дека безбедноста на граѓаните и државата е еден од најважните приоритети, а соработката меѓу институциите ја зголемува ефикасноста и квалитетот на услугата кон нив.
„Остануваме посветени на праведна држава и безбедна иднина за нашите граѓани“
се наведува во соопштението.
