Ваквата расипничка политика на власта, според опозицијата, е доказ дека премиерот Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот што тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека Министерството за одбрана под раководство на министерот Владо Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалаци во вредност од 31 илјади евра.

Ова се случува, како што велат од опозициската партија, додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа, а владата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народни пари.
„Последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65 507 денари, а на граѓаните им се потребни речиси три минимални плати за да ги покријат само основните трошици. Многу производи се недостижни за голем број семејства од државата“,
се вели во соопштението од опозициската СДСМ.
Според партијата, власта ја држи земјата со најниска минимална плата во целиот регион и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените што се превисоки.
„Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60 отсто од просекот на Европа“,
додаваат од СДСМ.
Ваквата расипничка политика на власта, според опозицијата, е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот што тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај.
Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја обвини власта за пад на животниот стандард на граѓаните, од ВМРО-ДПМНЕ попладнево посочија дека реалната просечна плата пораснала двојно повеќе споредено со времето кога СДСM беше на власт.