Најмалку податоци министерствата објавуваат за финансиите – само 60% од информациите, додека општините најслабо стојат за прашањата од нивна надлежност со индекс од 42% од можни 100
Интересен податок е што, со исклучок на едно министерство, општините ги заземаат сите места во групите со „просечна“, „слаба“ и „многу слаба“ активна транспарентност. Единствено Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците е рангирано на 88 место со 28,3 процентни поени
Институциите ја подобриле активната транспарентност за 5%, односно во просек активната транспарентност на Владата, министерствата и на општините изнесува 63 од максимални 100%, покажува најновото рангирање на Центарот за граѓански комуникации.
Интересен податок е што првпат од 2016, откако се изработува овој индекс, има две институции кои добиле максимални 100% за активна транспарентност што значи дека ги објавуваат сите потребни информации. Станува збор за Министерството за одбрана и Општина Карпош.
Министерствата се најнетранспарентни за финансиите
Просечната активна транспарентност на институциите од 63 проценти значи дека генерално таа е оценета како „добра“, што се случува по првпат. Од почетокот на мерењето на овој индекс (во 2016 година) до лани, таа се движеше од 44% до 58%, со што спаѓаше во „просечна“ активна транспарентност.
Ако се погледнат одделно институциите од централната и локалната власт, тогаш и годинава подобра активна транспарентност имаат Владата и министерствата кои просечно објавуваат 79% од потребните информации што е минимално подобрување од ланските 77%. Просекот на општините изнесува 60% што во споредба со минатата година е подобрување од 5,5 процентни поени.

Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, најмалку податоци министерствата објавуваат за финансиите – само 60% од информациите, додека општините најслабо стојат за прашањата од нивна надлежност со индекс од 42% од можни 100.
И едните и другите, пак, објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации од јавен карактер.
Кои се останатите најтранспарентни институции, а кои се на дното на листата?
Покрај Министерството за одбрана и Општина Карпош, кои имаат максимални 100 процентни поени, во групата со „многу добра“ активна транспарентност има уште 24 други институции.
Од вкупно 26 институции во оваа најдобра група, 17 се општини, а додека останатите 9 се Владата и 8 министерства.
Трето место на вкупната ранг-листа е Општина Крива Паланка со 95,7%, потоа Министерството за финансии со 94,4, а веднаш зад него е Општина Валандово со 94,3%.
Владата, се наоѓа на шестото место со 93,3 проценти.

„Годинава повеќе од половина од институциите се наоѓаат во двете најдобри групи со ’добра‘ и ’многу добра‘ активна транспарентност. За сметка на тоа, се намалува бројот на институции во трите послаби групи, со ’просечна‘, ’слаба‘ и ’многу слаба‘ активна транспарентност“,
пишува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

На дното на листата, пак, се општините Врапчиште и Пласница, чија активна транспарентност е рангирана со 10,1%. Во оваа група со „многу слаба“ активна транспарентност има уште седум општини: Липково, Чучер Сандево, Арачиново, Старо Нагоричане и Зелениково.

Интересен податок е што со исклучок на едно министерство, општините ги заземаат сите места во групите со „просечна“, „слаба“ и „многу слаба“ активна транспарентност. Единственото министерство е тоа за политички системи и односи меѓу заедниците кое е рангирано на 88. место со 28,3 процентни поени.

Само 61% од институциите одговараат во законскиот рок на барањата за пристап до информации
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации опфаќа и анализа за тоа дали институциите го почитуваат законскиот рок од 20 дена да одговорат на барањата за пристап до информации од јавен карактер. Во овој дел анализата покажува дека во просек тие одговарале за 16 дена, но само 61 отсто од нив го испочитувале законскиот рок.
„Само 61% од институциите одговорија на барањето во законскиот рок од 20 дена, додека останатите 39% го доставија одговорот по истекот на овој рок. Лани, пак, само 39% од институциите одговорија во законскиот рок, така што во оваа смисла има одредено подобрување“,
констатира Центарот за граѓански комуникации.

Кои се победници, а кои губитници?
Од вкупно 98 институции (Влада, министерства и општини), дури 62 бележат подобрување на активната транспарентност во споредба со лани.
Најголемо поединечно подобрување имаат општините Конче за 59%, Петровец 57%, Градско 45% и Центар Жупа 42%.
Од министерствата, иако е најслабо рангирано, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците бележи најголем напредок (од 0 на 28,3%) од причина што лани оваа институција немаше ниту веб-страница. Исто така, за 21 процентен поен својата активна транспарентност ја подобрило и Министерството за образование и наука.

Транспарентноста ја намалиле 33 институции што значи дека тие објавиле помалку информации од лани. Најголемо намалување има кај општините Лозово (-14,5%), Зрновци (-13,5%), Илинден (-11,6%) и Врапчиште (-10,2%). Кога се во прашање губитниците меѓу министерствата тоа се Министерството за земјоделство (-11,7%) и Министерството за надворешни работи (-10,4%).

Три институции, пак, немаат ни подобрување ни влошување на активната транспарентност во споредба со лани. Тоа се Општина Центар, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за труд и социјална политика.
Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Од годинава, како што информираат од Центарот за граѓански комуникации, активната транспарентност е претставена на едно место, на специјално изработената веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму.