Министерството за здравство во соопштение до јавноста посочува дека набавката на вакцината Спутник В од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата.
„Министерството за здравство во целост ги демантира лагите и дезинформациите објавени на неколку медиуми дека Република Северна Македонија преку „посредник – српски државјанин“, ја набавила вакцината против Кови 19, Спутник В производство на рускиот Центар „Гамалеја“, се вели во дописот од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека првите 3 000 дози вакцини пристигнаа веднаш откако министерството го потпиша договорот за набавка на 200 000 вакцини од проиводителот на вакцината Спутник В. Министерството за здравство вели дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид 19.
„За набавка на вакцини против Ковид 19, без разлика дали станува збор за Спутник В, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот. Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против Ковид 19. Ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини. Министеретсвото за здравство ја цени и поддржува слободата на медиумите, истражувачкото и критичко новинарство, но укажуваме информациите до кои доаѓаат медиумите сериозно да ги проверуваат, како би се избегнало ширење на лажни вести“, велат од министерството
