За тоа како ќе бидат згрижени децата од предучилишна возраст за време на штрајкот, првиот човек на СОНК, Неделков, вели дека одговорноста за работата и функционирањето на градинките е на работодавецот кој, како што рече, должен е да обезбеди услови за работа
Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк од понеделник, ќе ја извршуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата како и досега.
„По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните, односно треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст“,
се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Од Министерството ги посочуваат Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на децата на Република Северна Македонија, каде што неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата.
„Согласно Законот за заштита на децата, во предучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк“,
појаснуваат од МТСП.
Во таа смисла нагласуваат дека сите предучилишни установи треба да ги почитуваат законот, Уставот на Република Северна Македонија и Конвенцијата за правата на детето и да го организираат згрижувачко воспитниот процес.
Синдикатот минатата недела одлучи од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките и дека одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита, кој би траел до исполнување на барањата.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе бидат згрижени децата од предучилишна возраст за време на штрајкот, Неделков рече дека одговорноста за работата и функционирањето на градинките е на работодавецот кој, како што рече, должен е да обезбеди услови за работа.
„Во случај кога работниците се во штрајк, ние не велиме – не носете ги децата, меѓутоа немаме одговорност кон родителите коишто ќе ги донесат децата. Кој ќе биде со децата, ние не одговараме. Одговорите треба да се побараат од Министерството за труд и социјална политика или, евентуално, од директорите коишто имаат надлежност да ги организираат активностите во градинката. Апсолутно мнозинство од 100 проценти изјаснување во градинките за штрајк досега не сме имале. Сме имале изјаснување за штрајк, но се примале деца и штрајкот за кој се согласиле не бил спроведен и тоа не носи резултати. Затоа сега имаме негувателки кои работат со 30-35 деца во група, што е над нормативот, на кои е невозможно истовремено да им се посвети внимание, а земаат плата 18. 00 денари. Така не може да биде и затоа луѓето се револтирани“,
рече тогаш претседателот на СОНК.
На прашањето дали вработените кои не се членови на СОНК ќе имаат обврска да работат за време на штрајкот, Неделков одговори дека постои одредба во Законот за работни односи дека секој што не е член на организаторот на штрајкот или членува во друг синдикат, може солидарно да се приклучи кон штрајкот.
„Колегите што солидарно ќе се приклучат во штрајкот се законски покриени и ги имаат правата како и колегите што се во нашиот синдикат“,
додаде Неделков.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека Владата и СОНК ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати за да продолжи наставата.
