Грета Парлиќ, вработена во оваа установа, на својот фејсбук-профил на 3 април објави голем пост во кој вели дека во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле се случува хорор
Министерство за труд и социјална политика денеска соопшти дека вонредниот инспекциски надзор во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци во населбата Топанско Поле во Скопје не открил неправилности во постапувањето со корисниците и во работењето на оваа установа.
Инспекцискиот надзор е спроведен откако на социјалните медиуми вработена во установата обвини за негрижа и лошо постапување.
„По извршените разговори со директорот и вработените во Заводот, направен е и увид во просториите што ги користат корисниците во установата. Од страна на инспекторите е установено дека, согласно фактичката состојба на терен, сите простории се користат, корисниците имаат пристап до нив и слободно се движат како во институцијата така и во дворот и притоа се во присуство на вработени во установата. Констатирано е и дека просториите во кои се корисниците се уредни, чисти и со опрема во согласност со нивните потреби. Во близина на секоја просторија што ја користат корисниците има тоалети кои се отворени и кои се на нивно располагање“,
се вели во соопштението од Министерството.
Врз основа на ова, од МТСП велат дека не се констатирани неправилности во постапувањето и во прилог испратија неколку фотографии од, како што се наведува, фактичката состојба на ЈУ Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, за време на инспекцискиот надзор.



Грета Парлиќ, вработена во оваа установа, на својот фејсбук-профил на 3 април објави голем пост во кој вели дека во Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Топанско Поле се случува хорор.
Таа тврди дека постои малтретирање на интернатските корисници и групата вработени кои директно работат со нив, односно, „сите интернатски корисници се оставени на милост и немилост, како да се под казна, така што им е забранет влез во сите простории во интернатот, сите занимални, до една, сите простории на интернатот се узурпирани од група на неколку привилегирани вработени“, поради што сите интернатски корисници немаат никаква просторија за престој, како и за други противзаконски дејства.
„Исто така, на интернатските корисници им е забранет пристап и во тоалетите, така што вршат нужда на самото место, во трпезарија! Имено, повеќе од две години, само и исклучиво трпезаријата им е отворена за престој! Интернатските корисници две години седат и лежат (бидејќи има многу корисници кои се во таква состојба и имаат потреба да легнат), на подот во трпезарија, каде што нема апсолутно никакви основни услови за живот и престој, само масички и детски столчиња и голи ѕидови. Интернатските корисници престојуваат тука 24/7. Со интернатските корисници работи одредена група на вработени кои се исто така во крајна немилост (меѓу кои и јас), бидејќи се присилени да работат во една просторија (трпезаријата ) со сите интернатски корисници кои се во поголем број. Ни вработените немаат никакви услов, кои работат со интернатските корисници и, само голи ѕидови и детско столче и ставени на одговорност за сите интернатски корисници, во текот на сите денови. Условите и за овие вработени се мизерни, ни еден шкаф, ни пристап до тоалет, ни чешма, ни хигиенски средства, ни ништо, а средства за работа се мислена именка. Згора на сѐ, само оваа група вработени ги ставаат дежурни, по два-три викенди во месецот, како и на ноќни дежурства , а тие дежурства значат одговорност за животот на сите интернатски корисници. Јас лично доставував писмени молби за стопирање на оваа катастрофална состојба и малтретирање на корисниците, но досега без успех“,
напиша таа.
