Министерството за правда (МП) вели дека ги отфрла како невистинити обвинувањата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дека власта сака да протне 12 закони со злоупотреба на европското знаменце и нагласуваат дека станува збор за закони кои се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавното.
„Од партијата ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаат и со жалење констатираме дека наместо да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните. Некои од овие закони, како на пример оној за парнична постапка, се двотретински, така што гласовите и соработката со опозицијата ќе биде потребна со цел заедно да придонесеме за судските реформи за кои толку многу говориме“,
велат од Министерството за правда.
Повеќето од законите за кои обвинува ВМРО-ДПМНЕ потекуваат токму од ова Министерството. Дел од нив, велат оттаму, се во рамки на Стратегијата за реформи во судството што е обврска кон ЕУ, додека други, како што е предлог-законот за Академијата за судии обвинители, се работени во директна координација со Европската комисијата.
Откако опозицијата претходно како пример го посочи и Законот за парнична постапка, кој има над 500 члена, а усогласени се само неколку, од МП додаваат и дека не е важно колку членови во еден закон се усогласени со европското законодавство туку само е важно дали има усогласување или не.