Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го предлага Владата, преку Министерството за правда и деновиве влезе во собраниска процедура
Министерството за првада денеска соопшти дека формулацијата во предлог-законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е погрешна и ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.
„За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“,
стои во одредба од членот 6 од текстот од предлог -законот.

Ова предизвика бурни реакции во јавноста, особено кај правниците, со забелешка дека ако помине владиниот предлог за промени на Законот на граѓанска одговорност граѓаните ќе бидат санкционирани и за негативно мислење, што порано се нарекуваше вербален деликт и беше укинат по крајот на социјализмот.
„Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување“,
реагираат од Здружението на новинари на Македонија и бараат дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година.
Ваквата дефиниција, според ЗНМ, доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните.
Од Министерството за правда, посочуваат дека целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.
Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го предлага Владата, преку Министерството за правда и деновиве влезе во собраниска процедура.