Реакцијата на надлежното министерство следува откако претходно опозицискиот СДСМ ја обвини владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за оштетувањето на заштитената спомен-куќа на авторот на македонската химна Владо Малески во Струга
Министерството за култура и туризам ги отфрли како неточни и тенденциозни обвинувањата на опозицискиот СДСМ во врска со оштетувањето на спомен-куќата на авторот на македонската химна Владо Малески во Струга и оцени дека се користат за дневнопартиски цели и манипулација со јавноста.

Опозиционерите обвинија дека оштетувањето на објектот е резултат на институционална парализа и неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за култура и туризам, пак, велат дека решението за рушење на соседниот објект до спомен-куќата и дозволата за изградба на нов се издадени во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, под број 08-738/2022 од 17.07.2023 година, е издадено во периодот кога институциите беа под раководство на СДСМ. Ова јасно покажува дека токму претходната власт наместо да го штити културното наследство го занемаруваше и игнорираше“,
се наведува во соопштението на Министерството за култура и туризам.
Оттаму додаваат дека вчера на местото на спомен-куќата на Малески бил извршен увид од страна на тим од надлежниот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, а дека на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство која врши увид во состојбата со заштитениот објект.