Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира, но дефинитивно треба да има одговорност, рече Таравари
14-месечното бебе кое почина вчера во раните утрински часови на Детската клиника при Клиничката болница „Мајка Тереза“ во Скопје претходно било одбивано за хоспитализација, потврди министерот за здравство Арбен Таравари, пренесе ТВ Телма. Тој вели дека ги знае деталите за случајот, но не сакаше да ги коментира причините за одбивањето оти, како што кажа, сите информации ги очекува од комисијата која во текот на утрешниот ден ќе ги истражува двете клиники каде што било лекувано бебето – Детската клиника и „Козле“. Каков и да биде исходот од истрагата на инспекцијата, Таравари вели – одговорност мора да има.
„Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денес да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сè во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“,
изјави Таравари.
Дополнително, тој рече и дека наследиле здравствен систем кој не може да се среди за краток период, но уверува дека сите кои биле на смена во моментот кога бебето починало биле стручни лица.
Вчера, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов, изјави дека ДЗСИ ќе направи вонреден инспекциски надзор во сите установи каде што било лекувано 14-месечното бебе, за да се утврди вистинитоста во однос на тоа дали имало евентуални пропусти во неговото лекување.
14-месечното бебе што почина на Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје било хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, со засегнати витални функции и во тешка општа здравствена состојба, по што ситуацијата набрзо се влошила и бебето починало, информираа вчера од Министерството за здравство.
Оттаму кажаа дека телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврди точната причина за смртта.
Од Министерството за внатрешни работи претходно соопштија оти вчера во СВР Скопје било пријавено дека на Детската клиника, В. С. (29), кој според информациите е татко на починатото бебе, заедно со својот 35-годишен брат Б. С. од село Гошинце оштетиле инвентар во болницата откако починало бебето, кое, пак, било донесено со возило на Итната медицинска помош во болницата еден час претходно.