Проблематизирањето на изборот на Ристе Ставревски за началник на СВР Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите, смета техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој во изјава за државната новинска агенција МИА вели дека утре ќе поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија (ДИК).

„Ставрески не е осудуван, ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат ‘државна тајна’ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка да биде началник на СВР – Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор“,
рече Чулев.
На назначувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје се противеше дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска. Оттука, следува и најавата на Чулев дека ќе бара мислење од ДИК.
За што би одлучувала ДИК?
Во Законот за Влада, прашањето за кадровски промени се третира во членовите 44 и 46.
Ако се видат одредбите од членот 44 (став 4) од Законот за Владата, се чини дека на министерот Чулев не му е потребна согласност (потпис) од дополнителната заменик-министерка Петровска за ниедно од 15-те дозволени „разрешувања и распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството“, па ни за Ристо Ставревски да биде началник на СВР Скопје. Тоа за што треба да води сметка Чулев е ставот 6 од истиот член 44: „Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4) на овој член, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик-министер“. Таа обврска Чулев ја испочитувал.

Но, во членот 46 (став 3) повторно се третира прашањето за кадровски промени, на генерален начин, за сите ресори во кои се избрани дополнителни заменици-министри: „Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи што ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот, како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите“. Оваа одредба во Законот би можела да се толкува на начин кој ѝ дава право на Петровска да го блокира назначувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје.

Членот 48 од Законот за Владата вели: „Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик на министерот во министерствата, во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство. Одлуката на Државната изборна комисија е конечна“.
Експерт по право, кого го консултиравме, смета дека одредбите од член 44 став 4 и 6 се однесуваат специфично на МВР и може да се толкуваат како исклучок од генералното правило од член 46. Овој пристап би значел дека Петровска не може да го блокира назначувањето на Ставревски за прв човек на СВР Скопје и дека нејзиното несогласување останува на ниво на политички став. Министерот има законска обврска да именува дополнителен заменик на нејзин предлог, кој понатаму може да блокира одлуки на началникот (Ристо Ставревски).
Додека ДИК да каже како го разбира случајот и дали е надлежна да постапува, извор од МВР вели дека Ставревски веќе функционира како началник на СВР Скопје, а неговото именување во петокот беше објавено и во официјалното соопштение на МВР.
Во истото соопштение, како дополнителен заменик на Ставревски, се наведува досегашниот началник на СВР Скопје, Тони Јакимовски.
Чулев и Петровска се согласија за 11 смени
Според Законот за влада, техничкиот министер за внатрешни работи, кој доаѓа на предлог на опозицијата и може „изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања … на носители на раководна позиција во министерството“. Со денот на именувањето на лице на раководна позиција, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик-министер.
За разлика од случајот со СВР Скопје, Чулев и Петровска се усогласија за 11 други назначувања на лица на раководни позии и нивни дополнителни заменици. За дополнителните заменици се назначија досегашните раководители.

Во продолжение можете да ја погледнете листата на останатите 11 назначувања:
1. СВР Охрид
Началник: Илија Милески
Дополнителен заменик началник: Сашо Смилевски
2. СВР Штип
Началник: Александар Николов
Дополнителен заменик началник: Марјан Коцев
3. СВР Битола
Началник: Андреј Василевски
Дополнителен заменик началник: Славко Јовановски
4. СВР Велес
Началник: Игор Ангеловски
Дополнителен заменик началник: Злате Јаневски
5. СВР Струмица
Началник: Васил Тодоров
Дополнителен заменик началник: Танчо Пројковски
6. Одделение за внатрешни работи – Прилеп
Началник: Трајче Георгиоски
Дополнителен заменик началник: Игор Каравилоски
7. Внатрешна контрола
Помошник на министерот на оддел за внатрешна контрола: Филип Филиповски
Дополнителен заменик: Дејан Андонов
8. Оддел за специјални полициски операции
Началник: Сашко Зенговски
Дополнителен заменик началник: Бранко Трајановски
9. Единица за специјални задачи – „Тигри“
Командант: Ивица Бисовски
Дополнителен заменик командат: Митко Даневски
10. Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ
Началник: Александар Јанев
Дополнителен заменик началник: Лазо Велковски
11. Единица за интервентна полиција во СВР Скопје
Началник: Васко Наумовски
Дополнителен заменик началник: Примислав Димовски
Петровска не даде „зелено светло“ за Ставревски зашто го има во „бомбите“
Причината поради која дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска се противи на именувањето на новиот началник на СВР Скопје е, како што посочи, тоа што Ставревски бил дел од „бомбите“ што во 2015 година ги објавуваше СДСМ.
Станува збор за разговор на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Ристе Ставревски, од позиција на советник во нејзиниот кабинет, за предизборни средби и убедувања на различни категории граѓани. Во конверзацијата, конкретно, се споменуваат Куманово, околу 800 резервисти, бранители, но и други групи граѓани со кои Ставревски, според снимката, бил во контакт во пресрет на избори.