Александар Николоски вели дека веќе е донесена одлука да не се оди на варијанта за давање под концесија или јавно-приватно партнерство, туку државата да најде кредит и самата да ја финансира изградбата зашто, според него, тоа го диктира економската логика

Македонија сама ќе инвестира во брза пруга од Табановце до Гевгелија. Изградбата на овој проект ќе чини околу две милијарди евра, а поврат на инвестицијата се очекува за 10-12 години. Оваа најава дојде од министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Тој вели дека изградабата на пругата ќе биде инвестиција на државата, односно дека таа нема да оди под концесија или јавно-приватно партнерство.
„Очекувам во 2031 г. веќе да ја имаме. Ако Македонија превезува 327 000 тони роба по километар до 20232 г., како што е предвидено со Реформската агенда од Планот за раст на ЕУ, и кога тоа ќе го помножите со бројот на километри што ги има на Коридорот 10, и со едно евро по тон, ЕУ наплаќа две евра по тон, ние да одиме по едно евро од тон, со 50% помалку за да бидеме поконкурентни од Бугарија – ем поевтини, ем пократко затоа што Бугарија е 330 километри плус – во тој случај, минималната сума што би влегувала во Македонија би била 120 милиони евра годишно“,
вели Николоски.
Министерот за транспорт вели дека грубите пресметки покажуваат оти брзата пруга би чинела околу две милијарди евра, односно 9-10 милиони евра по километар, и тоа дволиниска, што, како што рече, е далеку поевтино ако се земе предвид пругата кон Бугарија која е еднолиниска и чини 24 милиони по километар.
„Ако пресметате колку би влегувало во Македонија, сфаќате дека поврат на инвестиција би било некаде 10 до 12 години. Ќе се мултиплицира тоа, јас најниските бројки ги кажувам, што и за бизнис е добро, а не, пак, за државна инвестиција затоа што тоа ќе остане. И затоа мислиме дека ќе биде економски погрешно ние да дадеме 35 години концесија на некого, да си ја врати инвестицијата за 10-12 години и после 20 години целиот кајмак да го собира за себе“,
објаснуваше министерот.
Сепак, се согласува Николоски, ќе биде голем предизвик да се најдат пари за изградбата.

„Ние ќе се обидеме да најдеме најевтини пари, односно пари коишто може да се најдат по најдобри каматни услови и, многу важно, да можеме да ги обезбедиме сите. Едно е да барате од Европска инвестициска банка или од Европска банка за обнова и развој сто милиони евра кредит, друго е да барате две милијарди. Прашањето е дали воопшто тие можат да стигнат до таа бројка да ви ја обезбедат“,
вели Николоски.
Според него, лош пример за почнат а необезбеден проект, се коридорите 8 и 10-д кои ги гради „Бехтел и Енка“, бидејќи претходната влада не обезбедила финансирање, туку се плаќаат директно од буџетот.
„Не дека не знаеле дека треба да обезбедат финансирање, туку никој не се нафатил, милијарда и 300 милиони во тој случај, да ги обезбеди како кредит. Јавноста треба да биде внимателна, едни се условите кога вие повлекувате мала транша пари, други се кога повлекувате голема транша. И, секако, тука мериме што може да е и буџетска контрибуција, односно колку можеме и буџетски да учествуваме бидејќи парите не се даваат наеднаш, туку е проект којшто се работи 4-5 години“,
вели министерот за транспорт.