Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто

Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение, велат од Министерството за правда.
Оттаму посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.
Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто, велат оттаму за МИА.
Владата вчера соопшти дека Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини и додаде дека тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.
На 221. владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Тогаш била донесена и одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на законот со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции.
Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.
Откако американската „црна листа“ минатата година се прошири со неколку имиња на бизнисмени, поранешни и актуелни функционери од земјава, неодамна беа предложени законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава.
Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, минатиот месец, рече дека со законските измени корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки, покрај тероризмот и пролиферацијата на оружје. Измените, според Османи, покрај актуелната мерка за конфискација на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука.