Во Оман вчера се одржа дискусија за иранската нуклеарна програма, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе употреби сила доколку нема компромис
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет денеска вети дека САД ќе го нападнат Иран доколку не успеат преговорите за нуклеарното оружје, еден ден по ретките разговори меѓу официјални претставници од двете земји со цел да се спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје.

„Ако не можеме да го решиме ова на преговарачка маса, постојат и други опции за да се осигураме дека Иран никогаш нема да добие нуклеарна бомба“,
рече Хегсет во интервју за Си-би-ес.
Според него, САД не сакаат тоа да се случи, но ќе го направат ако е потребно, за да го спречат Иран да произведе нуклеарна бомба.
Во Оман вчера се одржа дискусија за иранската нуклеарна програма, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе употреби сила доколку нема компромис.
Разговорот, предводен од пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, претставува „чекор напред кон заемно задоволителен договор“, соопшти Белата куќа.
По краткиот директен разговор со Виткоф, за време на индиректните разговори во Мускат, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, рече дека разговорите ќе продолжат следната сабота.
Долгогодишните противници, Иран и САД се обидуваат да постигнат нов нуклеарен договор, откако САД се повлекоа од претходниот договор, одлука што ја донесе Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во 2018 година.
Во Виена во 2015 година, Иран склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.