Оваа година одбележуваме јубилеј – три декади од воспоставување на нашите дипломатски односи. Ќе продолжиме и во иднина да ги градиме овие односи во духот на меѓусебното пријателство и силно партнерство, порача Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Лондон присуствуваше на приемот за шефовите на делегации во палатата Сент Џејмс каде што присуствуваше и британскиот крал Чарлс Трети.
Османи, како што информираат од МНР, изразил голема благодарност до кралот Чарлс Трети за одличните политички и економски односи што Обединетото Кралство и Северна Македонија ги градат во изминатите три декади соработка.
„Оваа година одбележуваме јубилеј – три декади од воспоставување на нашите дипломатски односи. Ќе продолжиме и во иднина да ги градиме овие односи во духот на меѓусебното пријателство и силно партнерство“,
напиша Османи на Фејсбук по средбата со кралот Чарлс Трети.
Османи и Кралот Чарлс Трети се осврнале и на неговата историска посета на земјава во 1998 година.
„Кралот Чарлс има убави спомени од неговата историска посета на Скопје и Охрид, во 1998 година“,
напиша Османи.
Османи денеска во Лондон ќе учествува на конференцијата за закрепнување на Украина.
