Филков, во одговор објавен на неговиот фејсбук-профил упатен до министерот Беким Сали, додава дека во Министерството за правда била разгледана петиција поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно биле анализирани сите релевантни уставни и законски одредби
Во образложението Филков вели дека полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите

Времето кога Уставот и законите се толкуваа според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина, заврши со заминувањето на коалицијата СДСМ-ДУИ од власт, вели министерот за правда Игор Филков.
Ставот на Филков доаѓа како реакција на изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
Оваа влада, вели тој, нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите.
„Чувствувам обврска јавно, јасно и недвосмислено да реагирам, во интерес на Уставот, правниот поредок и институционалната сериозност на државата“,
вели Филков во објава на својот фејсбук-профил.
Тој вели дека Владата е обврзана да воспостави јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.
Според Филков, Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации. Тоа, вели Филков, подразбира целосно, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки.
„Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи. Но, потенцирам: државата не функционира по принцип на лична процена, професионален рефлекс или политички впечаток. Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон“,
додава министерот за правда.
Тој додава дека во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“, туку постојат уставни норми, законски решенија и институционални процедури.
„Сѐ друго е опасна поедноставеност што ја поткопува правната држава и ја враќа праксата на произволност, од која, за жал, Македонија скапо плати во минатото“,
додава тој.
Филков во објавата додава дека во Министерството за правда била разгледана петицијата поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно биле анализирани сите релевантни уставни и законски одредби.
Министерот вели дека Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството.
„Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик“,
објаснува Филков.
Во образложението Филков вели дека полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите.

Цитирајќи го членот 7 од Уставот, Филков додава дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
„Уставната одредба јасно утврдува дека употребата на друг службен јазик е дозволена под услови и на начин утврден со Устав и закон, без притоа да се дерогира уставната позиција на македонскиот јазик како примарен службен јазик. Дополнително, Законот за правосудниот испит не содржи одредби за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот јазик“,
пишува министерот.
Тој во својата објава го цитира и Законот за употреба на јазиците,поточно првиот негов член каде што се вели дека македонскиот јазик е службен на целата територија, а јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албанскиот јазик) исто така е службен.
Сепак, Филков нагласува: „За Законот за употреба на јазиците се произнесе и Венецијанската комисија, а во моментов пред Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста“. Комисијата, како што рече, укажала на повеќе нејаснотии во однос на значењето и опсегот на Законот, што дополнително ја отежнува неговата примена, и има препорака за повторно разгледување, особено во делот на двојазичноста во судските постапки.
„Затоа, тезата дека Министерството за правда ‘нема аргументи’ е неточна и политички мотивирана. Аргументите се јасни, уставни и законски. Она што недостасува во изјавите на вицепремиерот е почит кон правниот систем како целина“,
вели Филков.
На крајот од објавата Филков упатува порака до неговиот колега од Владата, Беким Сали, велејќи дека Уставот не е тема за телевизиски емисии ниту алатка за политички наративи, а правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда.
Оваа влада, додава Филков, има цел да воспостави ред по години институционален распад, да спроведе реформи, а не да произведува конфликти.
„Кој сака политика нека ја води на избори, но кој носи функција во правна држава мора да ги почитува Уставот и законите. Сѐ друго е притисок. И тоа нема да помине“,
додава министерот за правда Филков.
