„Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“ е темата на магистерскиот труд на Филков за кој утре Наставно-научниот совет на Правниот факултет при УКИМ треба да го усвои извештајот на комисијата за оценка
Менторката на трудот на Филков, проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска, во октомври 2023 г. е во првите редови на настанот на кој се потпишува иницијативата за формирање на политичката партија ЗНАМ, чиј кадар е министерот за правда
Министерот за правда Игор Филков се очекува наскоро да стане магистер по правни науки, а темата што треба да ја одбрани за да се стекне со оваа академска титула е тесно поврзана со ресорот што му е доверен да го раководи во рамките на Владата.

За академското надградување на Филков, кое доаѓа истовремено додека ја извршува функцијата министер за правда, може да се види од дневниот ред на 16. седница на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, закажана за утре.
Темата
Темата на која работел Филков, како студент на втор циклус студии – административно право и јавна администрација на Правниот факултет, е со наслов: „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“.
Менторка на Филков за магистерската тема му е проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска. Други членови на комисијата за одбрана на трудот се проф. д-р Драган Гоцевски и проф. д-р Дивна Илиќ-Димоски.
„’Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда’ од кандидатот Игор Филков, студент на втор циклус студии – административно право и јавна администрација; комисија за одбрана во состав: проф д-р Ивана Шумановска-Спасовска (менторка), проф. д-р Драган Гоцевски и проф. д-р Дивна Илиќ-Димоски“,
пишува во дневниот ред за утрешната седница на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинија Први“ во Скопје.
Од магистерскиот труд се отвора прашањето за конфликт меѓу темата и функцијата што Филков ја извршува во моментов. Дополнително прашање е поврзано со менторката проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска.
Менторката
Имено, д-р Шумановска-Спасовска може да се забележи во првите редови на настанот во октомври 2023 г. по повод потпишувањето на иницијативата за основање на политичката партија „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

За помалку упатените, министерот за правда Филков е кадар на оваа политичка партија, што само по себе го наметнува прашањето дали и менторката има конфликт на интерес во овој случај.
Став во врска со дилемите што се наметнуваат побаравме и од министерот за правда Игор Филков и од неговата менторка за магистерскиот труд, професорката Ивана Шумановска-Спасовска.
Со Шумановска-Спасовска разговаравме телефонски.
На нашите прашања дали е член на партијата ЗНАМ и како го објаснува нејзиното присуство на партискиот настан, професорката ни одговори дека не гледа конфликт на интерес бидејќи, како што вели, не е член на ниту една политичка партија.
„Нема судир на интереси бидејќи немам никакви блиски односи со министерот Игор Филков ниту, пак, сум член на политичката партија ЗНАМ или на која било друга партија“,
кусо ни одговори професорката Шумановска-Спасовска.
Во однос на нејзиното присуство на конвенцијата на ЗНАМ, таа вели:
„Од моето присуство на настанот не произлегува дека сум член на ЗНАМ и дека има конфликт на интереси.“
Што се однесува до темата на магистерскиот труд на министерот за правда, односно дали е во конфликт со функцијата што во моментов ја извршува, д-р Шумановска-Спасовска кусо ни одговори оти смета дека темата е соодветна.
Филков: Конфликт на тема за магистерска не постои во македонското законодавство
За нијанса поопширен во одговорите на нашите прашања беше министерот за правда Игор Филков, со кого контактиравме преку СМС-пораки.
Прашањата што му ги испративме се:
- Дали постои конфликт меѓу темата на магистерскиот труд и функцијата што во моментов ја извршува?
- Како го коментирате фактот што менторката на трудот е во првите редови на настанот кога се потпишува иницијативата за основање на политичката партија ЗНАМ?
Како и професорката, и Филков вели дека нема конфликт на интереси, како и дека со сигурност може да потврди дека професорката не е член на политичката партија од чии редови доаѓа тој.
Аргументирајќи го својот став, Филков вели дека конфликт на тема за магистерска не постои согласно македонското законодавство и подзаконските акти на универзитетите во државава.
„За среќа, не постојат ниту конфликтни или неконфликтни, подобни или неподобни теми за стручно и научно истражување“,
ни одговори Филков во врска со прашањето за изборот на темата за магистерскиот труд.
Што се однесува до изборот на неговата менторка, министерот вели дека професорката Шумановска-Спасовска е определена за негов ментор со одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет.
За тоа дека била присутна на партискиот настан на ЗНАМ, министерот вели дека слушнал од нас, односно од прашањата што му ги испративме.
„Од вас слушам дека била присутна на конвенцијата на која имаше огромен број присутни, а ако тоа е точно, никако не би можел да потврдам во кој ред седела. Но, за сигурност знам дека не е член на партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Ви благодарам за интересот и останувам отворен за какви било прашања. Иста така, ви посакувам да останете посветени и доследни на објективното истражувачко новинарство, зашто само така можеме да одиме сите напред“,
вели министерот за правда Игор Филков.
Магистерскиот труд на министерот Филков, како што стои во дневниот ред за утрешната седница на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“, е меѓу оние за кои треба да се усвојат извештаите од комисиите за оценка. Ова е последниот филтер пред да се закаже одбрана на магистерскиот труд.