Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат, вели министерот откако до МИОА почнале да пристигаат прашања за забраната на ТикТок во земјава

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вели дека како Министерство, немаат заземено став дали треба да се забрани ТикТок, но сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи.
Прашањето за забрана на ТикТок деновиве се наметна во јавноста поради тезата дека оваа платформа има негативно влијание врз младите и претставува ризик, а откако во Србија беа извршени две одделни масовни убиства од страна на млади личности – ученик на 13-годишна возраст и 21-годишно момче.
Алиу својот став за забраната на ТикТок го изнесе преку писмена изјава бидејќи, како што наведуваат од неговиот кабинет, до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) пристигнуваат прашања од повеќе страни.
Пред сè, нагласува тој, цензурата во земјата е регулирана со Уставот и затоа конечен став може да се донесе откако ќе се направат консултации и координации со правосудните инстанци и со останатите безбедносни, но и образовни институции.
„МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, Министерството ги зема предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат“,
вели Алиу.
Како Министерство, додава тој, веќе преземаме подготвителни активности во тој правец и своевремено ќе се вклучиме со општествени иницијативи.
Во име на Министерството тој апелира наставно-образовниот кадар и родителите да ја зголемат свесноста за влијанието на социјалните платформи, но испраќа порака и до останатите институции и медиумите.
„Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радиоконцесионери апелираме да продуцираат содржина со образовно-воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини. Будно ќе ги следиме случувањата и ќе бидеме во контакт со надлежните институции. Имајќи ја предвид сензитивноста и опасностите, остануваме целосно отворени за комуникација со сите општествени чинители“,
вели Алиу.
На оваа тема, вчера министерот за образование и наука Јетон Шаќири, рече дека ќе побара итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои, според него, во голема мера се потхрануваат од социјалните мрежи.