Средбата доаѓа откако кардиохирургот д-р Кедев во јавен настап обвини дека во дел од приватните болници се вршат непотребни интервенции заради профит
Министерот за здравство Азир Алиу ќе оствари средба со кардиохирургот д-р Сашко Кедев во понеделник, потврди Алиу за телевизија Телма. Тој накратко само потврдил дека ваков состанок е закажан, но и оти веќе е комплетиран експертскиот тим од тројца странски лекари кои ќе треба да ги „чешлаат“ документациите на приватните клиники за да проверат дали се вистинити наводите оти таму се вршеле кардиолошки интервенции само за да се извлечат пари од граѓаните, како што рече д-р Кедев во еден негов јавен настап. Алиу не открива од кои земји ќе бидат експертите, иако претходно беше обзнането само дека меѓу нив ќе биде кардиолог од Словенија.
„Во понеделник ќе имам состанок со Кедев. Екипата е комплетирана, штом административно завршиме со процедурите, ќе ве информираме“,
изјави министерот Алиу за Телма.
По јавните тврдења на професорот Сашко Кедев оти во земјава се прават непотребни кардиолошки интервенции, министерот за здравство Азир Алиу пред два дена рече оти е формирана интерна комисија, а дополнително ќе се направи и независен стручен надзор со тројца експерти од европските земји, но не од соседството, чиј извештај ќе биде јавно достапен и ќе претставува основа за евентуални законски измени или воведување нови протоколи.
Вчера пак, првиот човек на Фондот за здравствено осиугурвање, Сашо Клековски рече оти граѓаните кои сметаат дека биле оштетени во кардиохирургија или при други медицински интервенции, треба да поднесат службени жалби. Тој нагласи дека ФЗОМ нема договори за стентирање со приватните клиники „Жан Митрев“ и „Систина“ и оти капацитетите за интервентна кардиологија во јавните установи се доволни – во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Охрид. Затоа вели дека нема договори за стентирање со приватните болници. Клековски појасни дека Фондот склучува договори со приватните здравствени установи само во области каде што нема јавен капацитет.