„Особено денес, кога се соочуваме со комплексни предизвици, мораме да останеме агилни, да се адаптираме на промените и да продолжиме заедно и здружени да изнаоѓаме решенија кои ќе ја зацврстат нашата колективна безбедност“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на церемонијата во Вермонт
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во рамки на посетата на САД синоќа се обрати на церемонијата со која беше одбележано 30-годишното партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда на Вермонт.

„Пред три децении нас не зближија нашата визија за единство и соработка како и нашите заеднички вредности. Низ изминатите 30 години имавме импресивни резултати – организиравме над 350 активности, а врвот на меѓусебната доверба беше и заедничкото учество во мисијата во Авганистан во 2010 година. Ја видовме и трансформациската сила на соработката – како споделувањето на знаење, експертиза и ресурси доведуваат до иновативни решенија кои имаат долгорочно влијание“,
рече министерката Петровска.
Фокусирајќи се на идните можности, Петровска истакна дека особено денес кога се соочуваме со комплексни предизвици, мораме да останеме агилни, да се адаптираме на промените и да продолжиме заедно и здружени да изнаоѓаме решенија кои ќе ја зацврстат нашата колективна безбедност.
„Чекорејќи во оваа нова фаза на нашето партнерство, ние мораме да бидеме и храбри и амбициозни во нашите цели. Постигнувањата од изминатите 30 години се пример за нашата отпорност и колективните капацитети. Сега е време да бидеме уште поодлучни и да ги поместиме границите на она што можеме да го достигнеме заедно“,
порача Петровска.
Министерката им се заблагодари на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и началникот на армискиот Генералштаб, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и нивните претходници за посветеноста во развојот на ова партнерство, а признание им оддаде и на сите припадници на Армијата и на Националната гарда за нивната професионалност и посветеност кои го обликуваа меѓусебното партнерство.
Гувернерот на Вермонт, Скот истакна дека низ годините двете армии соработувале многу со вежби во Северна Македонија и САД, со хуманитарна работа и со заедничкото учество во Авганистан во 2010 година кога, како што рече, членовите на Национална гарда стоеја рамо до рамо со Северна Македонија.
„Нивните споделени искуства и посветеноста на лидерите во одбраната беа исклучително важни за успехот на ова партнерство и ни помогнаа да ја изградиме оваа силна врска. Сакам да потенцирам неколку големи успеси во ова време кое го вклучува и членството на Северна Македонија во НАТО како триесетти сојузник. Со тоа вие се приклучивте на најуспешната Алијанса во светот, а ние станавме поблиски“,
рече гувернерот Скот.
Во своето обраќање, началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски, се заблагодари за 30-годишната поддршка од Вермонт и додаде дека Армијата е целосно посветена на уште посилен развој на соработката и заедништвото со Националната гарда.