Со кој аргумент луѓето ќе ми објаснат дека на земја од милион и 800 илјади луѓе, и се потребни 16 правни факултети, прашува ресорната министерка
Не повикувајте се на минатата власт на ВМРО, сто пати сум кажала – грешка е. Замислата била одлична. Таа се спровела во многу други земји и дала одлични резултати. Во Македонија не даде резултати и тоа мора да се смени, вели Јаневска во интервју за „360 степени“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најавува измени на членот од нацрт-законот за високо образование со кој се пропишува кои се студии од јавен интерес што ќе може да се организираат само на јавни и јавно-приватни универзитети.
Според верзијата на законот објавена на ЕНЕР, списокот ги опфаќа студиите по општа медицина, фармација, ветерина, архитектура, студиски програми за медицински сестри, акушерки, правни студии, одбрана и безбедност и наставници за основно и средно образование, кои би можеле да се организираат само на државните универзитети и на Универзитетот на Југоисточна Европа, кој има статус на јавно-приватен.
Весна Јаневска: Jа скратуваме листата, но она што претпоставувам сите ги интересира, правните науки ќе останат само на јавните универзитети.
360°: И на Штуловиот?
Весна Јаневска: И на Штуловиот, секако.
360°: А кои од овие ќе отпаднат од листата што ќе може да се студира само на државните?
Весна Јаневска: Значи, на јавните, на државните универзитети ќе останат медицина, ќе остане факултетот за сестри, акушерки и мислам физиотерапевти, ќе останат правните студии и ќе останат наставничките студии.
360°: Добро, значи фармација ќе може и на…
Весна Јаневска: Фармација, стоматологија, архитектура ќе може.
360°: На приватни?
Весна Јаневска: Да.
Според Јаневска, се анализира дали и „одбрана и безбедност“ може да се дозволи да се студира на приватни универзитети.
Ресорната министерка вели дека политиката на овој закон е да овозможи подобар квалитет во образованието и остварување на јавниот интерес – создавање на таков граѓанин, мерлив – тој треба да биде мерлив со сите други во Европската Унија.
На новинарска констатација дека „правни студии во секој град“ е пристап од времето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и дека сега се оди кон сосема друго решение според кое правни студии треба да има само на државните универзитети, министерката одговара:
„Општо прифатено е дека квалитетот на високото образование е на многу ниско ниво и незадоволително ниво. Оттука идејата дека треба да преземеме нешто. Па, јас навистина не можам да сфатам и не знам со кој аргумент луѓето ќе ми објаснат дека на земја од милион и 800 илјади луѓе – еве сум згрешила, сум велела милион и 500 илјади – им се потребни 16 правни факултети, а кај нас со години продолжува да владее криминал, луѓето да се жалат на неправда, на судски одлуки, на водење на процеси од јавни обвинители… Јас не им се обраќам сега ним, ниту на судиите, ниту на јавните обвинители. Јас се обраќам на оние кои треба да создадат кадар со интегритет, со морални вредности, кадар кој ќе биде способен во иднина да ја води оваа држава. Ако имате преголем број такви институции, квалитетот опаѓа. Не повикувајте се на минатата власт на ВМРО, сто пати сум кажала – грешка е. Замислата била одлична. Таа се спровела во многу други земји и дала одлични резултати. Во Македонија не даде резултати и тоа мора да се смени“.
